Skip to main content

Рурален развој

Интензивна градежна пролет во општина Дебрца

Забрзано се привршуваат започнатите проекти, а се работи и на детектирање на нови приоритетни потреби на жителите кои ќе се реализираат оваа и следната година. Општината чекори кон зацртаната цел да биде препознатлива природна и културна дестинација во регионот.
 |  Валентина Неловска  | 
Волино рурален развој

Во селата од општина Дебрца следуваат бројни проекти кои ќе им го подобрат животот на дебрчани. Градежните зафати ќе донесат подобар рурален развој за општината. Локалната самоуправа ја заврши тендерската постапка од Годишната програма за асфалтирање на уличките во Белчишта. Интензивни градежни работи следуваат како што се поправка на локалната, оштетена патна инфраструктура, најавува Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца. Оваа инвестиција ќе го подобри транспортот и поврзувањето меѓу жителите од околните села и со Охрид.

Деновиве треба да започне реконструкција и рехабилитација на патниот правец од општина Белчишта до Злести. На овој потег ќе се изгради обиколница околу селото Злести. Средствата се обезбедени од проектот за локални патишта од Министерството за транспорт и врски“-информира Ногачески.

Волинци, пак, ќе им кажат збогум на септичките јами. Покрај изградба на локални патишта, во општината се привршува и изградбата на системот за канализација во селото Волино. Жителите од овој дел на Долна Дебрца ќе добијат современо одведување на фекалните води, наместо досегашните септички јами.

Преостанува мал зафат на пумпнатата станица, а потоа продолжуваме со работа на индивидуални приклучоци на домаќинствата. Во тек се приклучувањата на новиот канализационен систем“-вели градоначалникот.

Од општината очекуваат и повици на кои ќе аплицираат на проекти од областа на инфраструктурата за меѓугранична соработка. По завршување на проектот за изградба на планинарскиот дом во Брежани со проект од прекугранична соработка со Албанија, оваа година се очекува повик на кој ќе подготват апликација за проект за прекугранична соработка со Грција. Исто така,подготвуваат проект со кој ќе учествуваат во програмата за развој на села и поддршка за специфични потреби од Бирото за рамномерен регионален развој.