Skip to main content

Интензивните врнежи предизвикаа поплави во делови од Охрид и околината

Градоначалникот Никола Бакрачески денеска ги посети поплавените подрачја

 |  инфодеск  | 

Невремето со интензивни врнежи од дожд што од вчера попладнето и целата ноќ го зафатија Охрид предизвикаа поплавувања во повеќе делови на градот, најмногу на оние места што се сметаат критични при вакви услови.

Според податоците од Регионалниот центар за управување со кризи, во текот на изминатата ноќ биле пријавени повеќе од 50 случаи на поплавувања на дворови и приземни катови од објекти во градот, а пријави имало и од Пештани каде ситуацијата е сложена при секои пообилни врнежи од дожд.

Најмногу јавувања од граѓани имало од населбите Далјан, Воска, Лескајца, и околните места како Велгошти, при што е интервенирано од екипи на ЈП Нискоградба и Проаква за отстранување на надојдената вода. 

Градоначалникот Никола Бакрачески заедно со претставници на Општинскиот штаб за заштита и спасување и надлежните служби и јавните претпријатија, денеска ги посети поплавените подрачја и направи увид на на зафатите за итно санирање на критичните места.

-Имаме сериозини последици од обилните врнежи кои ноќеска паднаа од 90 до100 литри на метар квадратен. Штети има на неколку локации во градот и во селата.На улицата Железничка има поплавени куќи веднаш под патот, кои се под вода поради ниската положба на земјиштето и малиот капацитет на одводните канали кои ја дренираат водата од поголемите канали кај реката Грашница.

Сериозни проблеми со одрони од камења и свлечишта има во селото Велгошти кај училиштето каде е наведнат потпорен ѕид и има една бандера која е наведната и има опасност од прекин на електрична енергија. Екипи од јавните претпријатија Охридски комуналец и Нискоградба работат на отстранување на оваа локација.

На потегот од хотелот Метропол до центарот на Пештани има наноси. Има поголем нанос кај населбата  Елешец каде екипи на  Македонија пат и РЕ Водовод – Охрид работат на расчистување на свлечиштето и ги отстрануваат наносите во центарот на Пештани..

Поплавени се и повеќе куќи во населбата Далјан и на улиците Стив Наумов ,Абас Емин и Дејан Војвода, каде години наназад има поплавување при поголеми врнежи – рече градоначалникот Никола Бакрачески.