Интензивно се работи на изградбата на пешачката патека во Оровник
Со реализацијата на овој проект жителите на Дебрца, особено од овој крајбрежен дел ќе добијат место за релаксација во непосредна близина на Охридското Езеро.
Крајезерската пешачка патека во општина Дебрца полека го добива замислениот изглед. Градежните активности на терен се одвиваат засилено во овој период, изградени се потпорните ѕидови, а во моментот се работи на изведување на габионите односно ѕидови направени од метални кошеви исполнети со природен камен кои ќе треба да ја заштитат патеката. Реализацијата на оваа патека во с.Оровник, според градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски ќе значи една атракција не само за тамошните жители, туку и за сите љубители на водата. Трајкоски вели дека изведувањето на патеката е само почеток во она што би требало да значи прераснување на Оровник во туристичка населба во иднина. Градоначалникот додава дека оваа пешачка патека ќе биде уредена со природни материјали и ќе добие автентичен изглед.
„Финансиската конструкција е обезбедна од страна на министерството за транспорт и врски, целата постапка околу избор на изведувачи и исплата е нивна, од таму се обезбедени средствата и тие практично ја финансираат изградбата на самата патека. Мислам дека таа треба да чини некаде околу 200 илјади евра вкупната вредност на целата патека.“-вели Игор Трајкоски-Градоначалник на општина Дебрца.
Активностите околу изградбата на пешачката патека во с.Оровник наидоа на реакции од страна на општинската организација на СДСМ од Дебрца. Тие во соопштение до медиумите со обвинувања до локалната самоуправа од Дебрца дека пешачката патека ја гради без почитување на регулативите за заштите на природното наследство.
Од СДСМ-Дебрца велат дека активностите за изградба на патеката директно ги кршат целите за заштита на езерото преку внесување на материи и предмети што може да предизвикаат морфолошки промени на езерото. Тие додаваат дека се кршат и одредбите на Законот за води, заштита на коритата и бреговите на природните водотеци и езерата со кои е забрането да се изведуваат градежни работи во крајбрежниот појас во широчина од 50 метри од линијата на највисокиот утврден водостој. Според градоначалникот на Дебрца пак, Трајкоски, станува збор само за политички коментари.
„Ние како локална самоуправа ги имаме прибавено сите потребни документи за изградба на патеката, сите мислења се добиени, и се работи по сите еколошки стандарди бидејќи јас како градоначалник се залагам за заштита на животната средина, бидејќи и од таму доаѓам и нема да дозволам да се употребува нешто што не е автентично, и што ќе влијае врз животната средина.“-рече Трајкоски.
Инаку пешачката патека треба да биде долга 120 метри, а заедно со приклучно исклучната лента да има должина од 220 метри. На патеката ќе биде поставена урбана опрема, односно клупи, корпи за отпадоци и соодветно осветлување. Изработен е и сообраќаен проект за пешачката патека во поглед на безбедноста во сообраќајот, а добиена е дозвола и за измена на траен режим на сообраќај. Покрај урбаната опрема, во проектот е предвидена и изградба на десет паркинг места.