Интересна изложба и промоција на книга на дедо и внука
Освен роднинската врска, денешниот заеднички настан ја поврза и креативната нишка во која беа изложени цртежи изработени со секојдневни предмети, но и четиринаесет раскази создавани во еден подолг период.
Балерини со фустани од хартија, кори од портокали, изрежаниот молив, еже и рипчиња од капачиња. Овој чуден спој креативно поместен на креациите и делата на малата Ана Томоска денес беше изложен за сите посетители на НУ Градска библиотека-„Григор Прличев“. Создавани во период од три месеци, третоодделенката Ана своето слободно време го користи на еден ваков креативен начин.
„Нешто гледам и одма го правам од тоалетни кутивчиња, капачиња. Од тоалетните ги виткам со тафет папир и им ставам очи, ги правам како ликови.“-вели авторката на изложбата, Ана Томоска.
Освен роднинската врска помеѓу дедото и внуката, денес Ана и Мирко Томоски ги спои и заеднички организираниот настан. Освен изложбата на Ана, охридскиот автор Мирко Томоски денес ја промовираше својата десетта книга, збирката раскази „Судбини“.
„Судбината е човек и човекот е судбина, како што и морето е небо, така и небото е море, како што брановите се мирна површина, така и мирната површина се бранови затоа некогаш се јавуваат бранови, некогаш замрачување, некогаш се јавува развиделување, но пловењето е умешност на човекот, затоа некои потонуваат веднаш, некои пловат додека не се јави некој бран, или замрачување, а некои пловат се додека не се отворат морето и небото и не се вивнат во височините или потонат во длабочините. Значи човекот е судбина, и судбината е човек.“-рече Мирко Томоски-автор на збирката раскази „Судбини“.
Томоски расказите ги собирал во еден подолг временски период од околу дваесетина години и се мешавина од вистинити раскази и раскази како плод на креативната идеја. Денешниот заеднички настан на внуката Ана и дедото Мирко имаа можност да го проследат роднини, пријатели, професори и заинтересирани граѓани.