Подобри услови за учениците во ООУ „Христо Узунов“ со инвестиции од над 12 милиони денари

Нова учебна година со значително подобри услови за учениците и наставниот кадар во ООУ „Христо Узунов“. По повеќегодишни вложувања, училиштето добива обновени простории и современа опрема. Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, денеска изврши увид во реализираните инвестиции во училиштето.

„Денеска сме во основното училиште Христо Узунов во коешто изминатите години, од 2023 до 2026 година, се вложени доста средства, односно повеќе од 200.000 евра или 12 милиони денари, од кои само во 2026-та 120.000 евра, односно 7 милиони денари.“– посочи градоначалникот.
Најголемиот дел од работите се реализирани во летниот период, без да се наруши почетокот на учебната година. Со интервенциите е опфатен речиси целиот училишен објект.

„Беа целосно реновирани потпорните ѕидови, надворешните огради, значи цементирани и исфарбани оградите, што долг период, 50 години е нашето училиште и годинава правиме јубилеј, се направија целосно. Се променија сите внатрешни врати, значи на кабинетите и училниците, кои беа доста голем проблем. Исто така, се променија 950 квадрати плочки на горниот кат кој беше целосно уништен и нормално тоа е после 50 години дека треба да се променат, во спортската сала и промените беа во кујната во училиштето.“- изјави директорката Марина Ѓоргоска.

Обновувањето не застана само на градежните зафати. Наставата е осовременета со дополнителна интерактивна опрема. Набавени се дополнителни 7 интерактивни табли и со предходно инсталираните 15 во ова училиште целосно се замнети старите зелени табли. Паралелно се работело и на подобрување на условите за греење и на создавање простор прилагоден на потребите на сите ученици.

„Исто така, за 1,6 мил. денари се променија парните котли на училиштето, за греење на парното. Се реновираа две училници, од кои една целосно се изгради нова училница со компјутери, нова информатичка училница, и веќе сме во крајна фаза уште да се доопреми, училницата за дечињата со посебни образовни потреби.“- кажа директорката Ѓоргоска.

За локалната самоуправа, инвестициите во образованието се дел од поширок циклус кој во изминатите години ги опфати сите училишта во Охрид.
„Секако дека наша заложба како локална самоуправа и моја како градоначалник е да инвестираме онаму каде што е најпотребно, односно тоа е кај малите. И со создавање на тие подобри услови, се надевам дека ќе постигнеме да имаме и подобри резултати како основни училишта поединечно коишто се во склоп на градот.“ – посочи градоначалникот Пецаков.
Процесот на модернизација на образовната инфраструктура продолжува со засилено темпо, а овој капитален циклус комплетно ќе биде заокружен кон крајот на наредната односно почетокот на 2028 година со реконструкцијата на охридската гимназија, истакна градоначалникот Пецаков.




