Инвеститорот има решение да ги отстрани доградбите на куќата на ул. Димитар Влахов
Инвеститорот отстапува од проектот при реконструкцијата на објектот на ул Димитар Влахов, за кој реагираа охриѓани преку рубриката ТиСиТвојотГрад. За терасите и доградбите на куќата каде порано беше седиштето на ССМ, ниту општината издала одобрение, ниту од НУ Завод и Музеј дале позитивно мислење. Општински градежен инспектор на крајот на август поставил лента на градилиштето. Денеска на градилиштето немаше лента, но немаше ниту работници и градење.
Граѓаните реагираат дека уште една градба која беше препознатлива полека но сигурно исчезнува и дека по реконструкцијата градот ќе добие или лоша копија или сосема нова зграда која нема ништо од изгледот на оригиналниот објект.
Објектот не претставува поединечно заштитено добро, велат од НУ Завод и Музеј. Но истиот се наоѓа во контактната зона на Заштитена споменична целина прогласена за културно наследство од особено значење и согласно Закон, за реконструкција на истиот се издава Конзерваторско мислење од страна на НУ Завод и Музеј Охрид.
НУ Завод и Музеј дозволила промена на кровот со препокривање со црвена ќерамида на веќе постојната конструкција и промена на внатрешна и надворешна столарија во кафеава боја со дрвен финиш по урнек на постојната. Исто така Заводот дозволил санација на фасадата, но со зачувување на истиот изглед и бела боја.
„За доградените тераси од страна на НУ Завод и Музеј не е издадено позитивно мислење. Доколку без наша дозвола се изведуваат градежни активности треба да постапи градежната инспекција при Општина Охрид“ – велат од НУ Завод и Музеј.
Овластен градежен инспектор на предметната парцела извршил вонреден надзор и изготвил записник на 14.08.2023г. според кој при увидот на лице место било консататирано дека инвеститорите изградиле нелегални доградби на објектот, спротивно на Одобрението за реконструкција издадено од Општина Охрид.
Градежниот инспектор на 30-ти август донел Решение за отстранување на доградбите. Наредниот ден општински инспектор со полициска асистенција извршил затворање на градилиштето со лента и заштитен знак, информираат од Општина Охрид.
Вчера ( 04.09.2023 год.) констатирано е дека лентата и заштитниот знак се отстранети. Од оштинскиот инспекторат најавуваат дека ќе преземат соодветни мерки.
Инаку, во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор. Пред куќата стои мермерната спомен плоча како потсетник на тој настан од историјата.