Skip to main content

Рекреација

ИПА Охрид со вело тура за вело патека Охрид Струга

Утре рекреативна вело тура Охрид-Струга-Радожда, во организација на ИПА Охрид. Стартот е во 8:30 часот од Градското пристаниште во Охрид.
 |  инфодеск  | 
Вело тура

ИПА Охрид утре организира рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда.

Стартот е закажан во 08:30 часот од градското пристаниште во Охрид, а ќе се вози по крајбрежјето на Охридското езеро, по стариот пат од Охрид до Струга.

По средбата со струшките велосипедисти, се продолжува кон Калишта, хотелите „Бисер”, „Изгрев” и „Макпетрол” до Радожда.

Тука, предвиден е едночасовен одмор и освежување на терасата на нашиот ИПА пријател-ресторанот „ДИНГА” со атрактивен и неповторлив поглед кон Охридското езеро.

На претстојната-втора вело тура Охрид-Струга-Радожда, ќе учествуваат и велосипедисти од ИПА регионите Скопје и Прилеп, како и велосипедистите Александар Стојков и Лазо Миноски од Скопје. Тие заедно со велосипедистите Владимир Секулоски и Кирил Марковски, кон крајот на март годинава, ја реализираа вело турата „Вера 2022″. Возеа околу 3000 километри низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија – вели Стефан Димоски, претседател на ИПА Охрид.

Со ова вело возење, имаат за цел да ги поттикнат двата крајезерски града, идеални места за велосипедизам, сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека означена со хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација.

Со утрешното вело возење Охрид-Струга-Радожда, ИПА Охрид прави обид плус за промовирање на овие атрактивни туристички дестинации.

Сакаат да упатат порака до локалните самоуправи и другите институции, повеќе да се заложат, велосипедското поврзување Охрид-Струга, да стане реалност.

Охрид и Струга како туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки. Тоа силно ќе ги подигне балканските и светските вело туристичките мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што е и огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите, но и туристите од Македонија и светот.

Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување.

Во време кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки, а не да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки. Покана и благодарност до сите граѓани и велосипедисти кои, го сакаат и живеат за велосипедизмот – додава Димоски.

Инаку, проектот за велосипедско поврзување на Охрид и Струга во 2016 година беше инициран од тогашниот Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП) Охрид.