Исчистен сметот од плажата Лабино
Да се исчисти гнасотијата на крајбрежната линија од Радожда до Св Наум. Една ваква иницијатива покренува нашата сограѓанка Мери Нанче, која е многу револтирана поради грдата слика од насобраниот смет по крајбрежјето. Таа ги повика сите охриѓани еден ден во годината да му го посветат на градот, да го исчистат и конечно кај сите да почне да работи еколошката свест за здрава животна средина.
Охриѓанката Мери Нанче, која е голем љубител на природата и знае да ужива во неа, деновиве на социјалните мрежи откри слики кои ја прикажуваат грдата страна на туристичкиот бисер Охрид. Станува збор за расфрлан и со години насобран смет на една од најубавите плажи на Охридското Езеро, плажата Лабино.
„Билјана да ти кажам…едноставно ми дојде, шетам, гледам, убај работи, преуба природа прекрасно езеро…нашево езеро е бисер….ама кога ќе се завртиш од другава страна, ми боди очи сето тоа ѓубре што го гледам зад мене и еден ден бев револтирана и реков ќе го сликам. Недела две не сакав да ги постирам сликите на фејсбук, ама ме фати инает шетам и пак истото ѓубре го гледам, го постирав и тоа беше полн погодок
Како што раскажува Мери, голем број охриѓани откако ги постирала сликите и се јавувале да ја прашаат каде е тоа ѓубре, а добар дел од нив се понудиле да излезат на терен и да почнат со чистење. Денес, иницијативата на Мери се преточи во реалност. Неколку љубители на природата се спуштија на плажата „Лабино“, скриена под карпите на истоимениот локалитет и собраа повеќе вреќи различен комунален отпад.
„Бескрајно сум благодарен на Мери Нанче, која што како сите нас кои 99% сликаме убавина од таткојната, залези, таа се одлучи да биде искрена до крај и го завртила апаратот на спротивната страна, од убавината од чистото кон гнасотијата. Како што велат на англиски таму каде што е чисто таму е и Господ…реагираа луѓе на фејсбук..е собравме и денес сме тука на Лабино, една од најубавите плажи на Охридското Езеро“.
На Лабино го затекнавме и човекот кој од 1981 година заедно со неговата сопруга континуирано ја чисти оваа плажа. Тој поради оправдани причини не можеше да коментира пред камерата, но изрази благодарност кон сите денес присутни кои му помогнале темелно да се исчисти ова место онака како што му доликува.
На иницијативата за чистење на плажата кај Лабино се огласија и од здруженијата на паланинарите и велосипедистите заедно со Жанко З`Ш Голабоски, а имаше и деца од наши иселеници од Австралија кои повторно се вратиле во Македонија. Една од нив е Изабела која упати порака до нејзините врсници, но и до останатите граѓани дека насекаде во светот луѓето знаат каде му е местото на отпадот.
„ Таму во Австралија луѓето ако видат отпад на улица го подигаат и го фрлаат во канта“.
За среќа денес сончевото и топло време беше во прилог на инженерите на природата. Останува само еден мал проблем. Неколкуте полни вреќи од плажата Лабино, треба да завршат на депонија. Мери упати апел до јавното комунално претпријатие да излезе во пресрет, но исто така и до сите кои можат да помогнат посебно кајчарите сметот да се донесе до пристапно место од каде што екипите на Охридски комуналец ќе можат да го подигнат.