Со искористување на Свинишките извори ќе се подобри водоснабдувањето на Охрид
Водоснабдителниот систем на Охрид генерира големи трошоци за електрична енергија бидејќи голем обем на вода се обезбедува со пумпање и препумпување, а помал дел по пат на гравитација. Дамнешната идеа и иницијатива на ЈП Водовод Охрид во соработка со Општина Охрид за донесување цевковод по гравитација од т.н Свинишки извори, сега е во понапредна фаза. Се работи за проектот „Дувло“ кој предвидува цевковод во должина од околу 25км, а издашноста на тие извори според мерењата во најсушниот период е околу 240-250л/с.
„ Тоа ќе биде од голема помош и за јавното претпријатие во делот на заштеда на електрична енергија, бидејќи ќе добиваме вода по гравитација, изворска, чиста вода којашто ќе го подобри и онака добриот квалитет на водата којашто ја конзумираат граѓаните на Охрид. И втората придобивка од тој проект е алтернатвата да Охрид се снабдува со вода од уште едно место во случај на појава на дефект или хаварија на постојниот водоснабдителен систем од станицата во Метропол.“ – вели Марјан Ристески – директор ЈП „Водовод“-Охрид.
Во туристичката сезона во водоснабдителниот систем се внесува вода од Охридското Езеро. 3 пумпи кај Метропол од 50 метри длабочина испумпуваат околу 100 л/с вода која понатаму се пречистува со мрежести микро филтри, се хлорира, а потоа се дистрибуира до потрошувачите. За нормално снабдување со вода, во најголем дел од годината, на Охрид му се потребни околу 300-350л/с, додека во главната туристичка сезона кога се дуплира бројот на луѓе во градот потребни се 600-700л/с вода. Таа количина не може да се добие од изворите и бушотините односно бунарите на вода кои ја намалуваат издашноста, а пумпање вода од езерото е скапо.
„ Летничките извори од година во година издашноста се намалува поради климатските промени, ако некаде било во најдобрите години околу 140-160 литри во секунда во зимски период , сега имаме.. некаде максимум до кај 120 л/с, а во летниот период таа количина на вода се намалува до некаде 30-40 л/с. Имајќи го во предвид во последните две три години енормното зголемување на цената на електричната енергија, а водоснабдувањето е дирекно врзано во Охрид со пумпање и препумпување, некаде до 70-80% се повисоки трошоците за електрична енергија отколку кога би имале водоснабдување по гравитациски пат. “ – вели Ристески.
Со проектот „Дувло“ се очекува до 7 месеци во годината максимално да се користат Свинишките извори, а во летниот период дополнителна количина да се обезбедува од постојните извори, такашто проценката е дека ќе се преполоват трошоците за електрична енергија. Проектот вреден 8мил евра е во завршна фаза. Од ЈП „Водовод“- Охрид се надеваат за потребните финансии за реализација на еден дел од проектот, општината во јануари 2025 да аплицира на новиот повик на Владата за капитални проекти. Од отпочнување на проектот времето на реализација е предвидено да трае 3 год.