Истекува рокот за пререгистрација на невработените лица!
Во Охрид, досега бројот на невработени лица кои се пријавиле е незначителен.
Се ситнат деновите од месец Март, а пререгистрацијата на невработените оди бавно. Од подрачното одделение на Фондот за здравствено осигурување во неколку наврати апелираа оваа пререгистрација да се изврши што е можно побрзо, меѓутоа заинтересираноста засега мала. Дали поради неажурност или неинформираност, од приближно 5.700те невработени лица осигурени на товар на Министерството за здравство, досега во Охрид се пријавиле нешто помалку од половина. Оние малку невработени лица кои ги затекнавме пред подрачното одделение на Фондот, ги запрашавме дали се запознаени со оваа проблематика.
„Да, знам за тоа. Јас веќе се пререгистрирав. Дознав преку медиумите, преку весник.“
„Јас се регистрирав уште на 21.01. Се информирав преку медиуми, преку вести, бидејќи сум невработен имам слободно време па си дојдов тука и се пререгистрирав.“-велат невработените.
Минатата година, во текот на летниот период, се вршеше регистрација на невработените лица кои своите сини картони ги добиваат на товар на Министерството за здравство. Меѓутоа, сега се врши пререгистрација, а причина е промената во висината на износот до кој невработените можат да остварат приход, а сеуште да бидат регистрирани на товар на државата.
„Пререгистрација треба да се врши секоја година, врз основа на изјави за остварен приход во претходната година. Терминот за пререгистрација, краен рок е до 31.03.2012, значи сите што се осигурени по таа основа како невработени, треба да извршат пререгистрација односно да поднесат само изјава, со себе да понесат здравствена книшка и лична карта за идентификација, со пополнување на изјавата на лице место, лично, ќе ја извршат таа пререгистрација.“-рече Славе Крстаноски-Раководител на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Нема уште многу време. Само десет дена остануваат за да се изврши пререгистрацијата. Доколку тоа не се случи до предвидениот рок, од Фондот предупредуваат на можните последици.
„Доколку не ја извршат оваа пререгистрација тоа е многу важно до 31.03.2012, ќе бидат избришани како осигуреници по оваа основа, па ќе мораат дополнително со нови документи, со нови пријави со комплетна документација да извршат регистрација. Тука ќе се појави еден период кога ќе бидат неосигурени. Тоа е многу важно за остварување на некои права, како правото на некои ортопедски помагала, каде е потребно шестмесечно континуирано осигурување.“-додава Крстаноски.
Оваа пререгистрација е задолжителна за сите невработени лица. Доколку во текот на минатата година не оствариле приход поголем од 96.600 денари, мора да се пререгистрираат, за повторно да добиваат сини картони. Истото важи и за оние кои оствариле приход поголем од 96.600 но не поголем од 183.000 а притоа во последните два месеци не оствариле приход поголем од 16.100 денари. Изјавата во која треба да се внесат овие податоци ја има на шалтерите во Фондот, па затоа здравствената книшка под рака, личната карта во џепот и побрзајте, за да не останете без сини картони.
{loadposition content9}