Skip to main content

Култура

Италијански тенори ќе го отворат Охридско лето

На 62 то Фестивалско издание ќе гостуваат илјада уметници од 25 земји од светот. Меѓу познатите светски музички имиња се Стефан Миленковиќ и Шломо Минц.
 |  Валентина Неловска  | 
Охридско лето

Четири тенори од Италија ќе го отворат Фестивалот Охридско лето. На 62 то издание ќе бидат изведени 36 музички концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма, најави Наташа Поповиќ, директорката на Фестивалот Охридско лето. Од 12 ти јули до 20 ти август ќе настапат 1000 уметници од 25 земји од светот. За фестивалското издание се најавуваат и новини како што се нови веб страна и фестивалска химна, кажа Поповиќ.

Посебно сме горди што од оваа година за првпат ќе се интонира химната на „Охридско лето“. Таа е создадена во далечната 1976 година од еден од најпознатите македонски композитори Томислав Зографски. Ќе се интонира во изведба на солисти-дувачи од Оркестарот на Националната опера и балет. Тие ја отсвирија и снимија по оргиналниот нотен запис, специјално за потребите на „Охридско лето“, подвлече Поповиќ.

Диригентката Бисера Чадловска, музичкиот селектор на фестивалската програма, посочи дел од музичките имиња кои ќе гостуваат на Охридско лето. Дел од нив се Стефан Миленковиќ, Шломо Минц, фламенко балетот Луксурија , македонскиот камерен оркестар Профундис. Селекторката сподели дека ќе се одржи концерт посветен на македонскиот композитор Александар Џамбазов. Чадловска најави спектакуларно отворање на фестивалот со италијанските тенори.

Планираме грандиозно отворање.Ќе настапат четворица Италијански тенори, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тркванини. Тие ќе настапат под диригентската палка на Маестро Лоренцо Бицари од Италија. Ќе бидат придружувани од оркестарот на Националната опера и балет“, напомена Чадловска.

Актерката Сања Арсовска, драмскиот селектор, најави богата театарска програма. Наречена е „Театарска Тангента Њујорк, Србија Украина“. Програмата е предводена од њујоршката „Ла Мама“ со копродукцијата „Балкан Бордело“ , белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинските „Кротење на опаката“. Селектирани се и шест домашни претстави.

„Со селектираната театарска програма настојувавме на актуелност во темите, на различни сценски форми и промоција на нови модерни драми. исто така, на ново и современо читање на веќе познатите драмски и книжевни дела. Претстави кои ќе успеат да го погалат или да му удрат шлаканица на гледачот. Во никој случај да не го остават рамнодушен“, кажа Арсовска.

Македонските театри ќе ги прикажат претставите од последната театарска сезона. Народниот театар од Охрид ќе ја отвори театарската програма на фестивалот со премиерата „Секс, лаги и љубомора“, во режија на Коле Ангелоски, на текст од Марк Камолети.