Skip to main content

Избегната поголема трагедија, откако параглајдерист од Германија, при слетување удри во канделабра на пешачката патека

Во Охрид избегната поголема трагедија откако параглајдерист од Германија при слетување на пешачката патека удри во канделабра, при што за малку биле погодени мајка со мало дете и двајца пешаци.
 |  инфодеск  | 
Pateka Studencista

Избегната поголема трагедија, откако параглајдерист од Германија, при слетување заврши на пешачката патека во Охрид и удри во канделабра. Според првичните информации, параглајдерот полетал од месноста Баба на Галичица, а при обидот за слетување изгубил контрола и завршил во фреквентната пешачка зона. Во моментот на инцидентот на патеката се движеле мајка со мало дете и двајца пешаци, кои за среќа успеале да го избегнат ударот.

Параглајдеристите од Агенцијата за воздухопловство имаат три одобрени локации за слетување во Охрид, но не и на пешачката патека.

– Тука, секако дека не може да се изземе одговорността на институциите, меѓутоа голем дел од одговорността имаат и организаторите на самите настани, бидејќи тие треба да бидат повеќе свесни бидејќи сево таа фела, треба да ги знаат сите опасности и да преземат, односно да имаат содветен план за управујање со ризиците.-вели Антонио Додевски.

Случајот повторно ја отвора темата за безбедноста во авантуристичкиот туризам, кој е во подем, но недостига инфраструктура, построга регулатива, безбедност и контрола.


-Не треба да се оди по принципот ‘лов на вештерки’, туку треба системски да се седне и да се решава проблемот. Ова не е само еден проблем во параглајдингот, имаме слични состојби и во други сфери, каде што често недостасуваат елементарни планови за управување со ризици и соодветна едукација, додава Додевски.

Засега нема информации за сериозни повреди кај параглајдеристот и неговата сопатничка. Но во Охрид секоја година има по три параглајдерски несреќи, некои со фатални последици.

Новинар Соња Рилковска