Изборите се веќе зад нас-партиите имаат седум дена да расчистат зад себе
Бројниот изборен материјал, тие можеа да го поставуваат на три локации низ градов, а сега им следува законската обврска на враќање на овие локации во првобитната состојба.
Помина и првиот и вториот круг од локалните избори 2013 година. Како и секоја година, политичките партии, од локалната самоуправа добија неколку локации низ градов на кој може бесплатно да ги рекламираат своите кандидати.
Но сега откако изборите се веќе зад нас, партиите треба да си ја исполнат и својата законска обврска. Плакатите и пропагандниот материјал кој тие го поставуваа кај хотелот Силекс, кај полигонот за мали спортови и кај охридската гимназија, сега треба да се отстрани. Според Изборниот законик, организаторот на изборната кампања е должен во рок од 30 дена од завршувањето на изборите да го отстрани сметот од плакатите.
Од комуналниот инспекторат пак, не информираат дека тие веќе ги подготвиле писмата со известување до партиите за нивната законска обврска како и рокот за извршување. Писмата најдоцна до утре ќе стигнат на адресите на сите политички партии, но и независни кандидати кои бесплатно се рекламираа на предвидените локации. Од денот на приемот, тие ќе имаат рок од седум дена да ги отстранат своите плакати. Доколку тоа не биде направено во предвидениот рок, тоа ќе го направат комуналните инспектори но на трошок на партиите.
Дополнително, велат дека ќе бидат изрекувани и глоби во висина од 800 евра за правните и 200 евра за физичките лица кои огласувале, а не расчистиле зад себе.
{loadposition content9}