Избрано идејното решение за затворениот градски пазар се чека усвојување од Министерство за транспорт
Од градежното претпријатие АД „Илинден“ од Струга кои треба да го градат новиот градски пазар како приватни партнери на локалната, очекуваат проектот по идејното решение да биде готов за месец дена, по што ќе следи и долгоочекуваната изградба на пазарот.
Идејното решение за изградба на затворениот градски пазар веќе избрано, се чека официјално усвојување од страна на Министерството за транспорт и врски.
Во фазата на изработка на идејни решенија за пазарот стигнале четири проекти, но најприфатливо и за министерството за транспорт и врски и за локалната самоуправа било она на архитектот Вангел Рафтоски од Струга. Како што не информираа од АД „Илинден“ од Струга, фирмата приватен партнер на локалната за изградба на пазарот, ова идејно решение е веќе дадено на усвојување во Министерството за транспорт и врски. Сопственикот на АД „Илинден“, Радован Трајковски во телефонски разговор не брифира дека очекуваат проектот по избраното идејно решение да биде готов за месец дена.
Трајковски потенцира дека првично било планирано изградбата на затворениот пазар да започне симболично на 2ри Август-Илинден, за сега истото да биде презакажано за 1ви Септември. И додека Министерството работи на усвојување на избраното идејно решение, во локалната самоуправа од Охрид сеуште се размислува во однос на локацијата на која времено ќе биде дислоциран градскиот пазар. Во јавност се споменуваат две локации. Едната е на паркингот зад новата зграда на Ремис, а другата е кај сегашниот кванташки пазар, во непосредна близина на автобуската станица.
Од Локалната самоуправа велат дека голема е веројатноста пазарот да се премести на паркингот што како опција беше поприфатливо и за пазарџиите за што ТВМ во неколку наврати информираше. Приватниот партнер на локалната за изградба на пазарот, АД Илинден од Струга, на тендерот за избор на економски оператор за општината понуди изградба на зелен пазар на приземјето во вкупна површина од 1233 метри квадратни, десет паркинг места во подземниот дел и 200 метри квадратни деловен простор на вториот кат. Инаку според јавниот оглас за избор на економскиот оператор кој локалната го објави на 26 Декември минатата година, проценетата вредност на административно деловно трговската зграда која вклучува изградба на затворен зелен пазар изнесува 203.059.346 денари или нешто повеќе од 3 милиони евра.