Ќе се издаваат локации за билборди во Охрид
До крајов на месецов треба да биде завршена постапката за издавање под концесија на локација за поставување на билборди во градов.
Хаосот со рекламирањето на јавните површини Локалната самоуправа на Охрид ќе го решава со унифициран изглед на билбордите. Ова го најавија од локалната пред два дена, а целта е градот да добие поубав и помодерен изглед. До крајов на месецов пак, се очекува да биде завршена тендерската постапка за доделување на локации за поставување рекламни паноа, билборди. Почетната цена ќе биде утврдена утре со одлука на Совет, а локациите ќе бидат издадени за период од 4 години. Од ова може да се заклучи дека унифицирани билборди на охридските улици нема да видиме наредните 4 години. Од одделението за односи со јавноста, информираат дека општина Охрид има предвидено 86 локалции за поставување на билборди на територијата на Охрид. Од нив 40 локации има фирмата Акцент Медија со која општината имала потпишано договор до крајот на 2015 година. Истечен е договорот со 16 те локации кои општината ги имаше дадено на фирмата Скрин Медија до април годинава. Останатите 30 локации ги користеше компанијата Лазов Груп, фирма со која општината имала склучено договор до крај на 2015 година. Но откако УЈП заплени дел од нејзините билборди истите деновиве ги отстрани општинскиот инспекторат.
„Лазов Груп имаше повеќе билборди на територијата на општина Охрид, заради проблеми во плаќањето и истекувањето на договорот во координација со УЈП се отстрануваат билбордите на Лазов Груп и се отстрануваат билборди кои што претставуваат опасност за нашите сограѓани, знаете возможно е да се оштетени од непогоди од физички повреди и така“ – вели Славка Шекерџи Ристовска од општинскиот инспекторат.
Од Локалната не можеа со точност да кажат колку локации ќе бидат предмет на новиот јавен оглас, за поставување на билборди. Бизнисот со рекламните паноа е профитабилен за концесионерите и за општините. Но, надлежните мора да водат сметка при определувањето на микролокациите односно при изработката на проектната документација билбордите да не ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот, да не се постасвуваат на локации каде го одвлекуваат вниманието на возачите, да оставаат доволно простор за движење на пешаците. И она што е посебно важно за туристички места како што е Охрид да не ја нарушуваат естетиката и амбиентот на просторот.
{loadposition content9}