Skip to main content

Изгласан планот за вработување на ЈП Билјанини извори

На денешната седница помина годишниот план за вработување на ЈП „Билјанини извори“ за 2023 година. Планот предвидува 14 работни места на што реагираше координаторката на опозицијата, плановите за вработувања во јавните претпријатија во услови на криза да бидат поскромни. Директорот на јавното претпријатие со објаснување дека не станува збор за нови вработувања.
 |  Маја Савиќ  | 
Седница на Совет

Мнозинството во Советот денеска даде согласност на планот за вработување на ЈП „Билјанини извори“ за 2023 година. Годишните планови за вработување во јавните претпријатија и општината скоро никогаш не поминуваат без дискусија на Совет, па така беше и овој пат. Координаторката на советничката група на СДСМ посочи дека планот за вработувања во јавното претпријатие во услови на економска и енергетска криза би требало да е поскромен.

Имено во планот за вработување за 2023 година предвидено е упразнување само за едно работно место, по законски основ односно заминување во пензија, и предвидени се 14 нови вработувања од кои двајца се раководители, а останатите контролори на паркинг, координатори на контролорите на паркинг, па поставувачи на блокади на паркинг. Јас верувам дека во рамките на самото јавно претпријатие имате луѓе коишто, барем некои од тие работни места може да ги потполнат со интерни огласи, а не да се објавуваат нови огласи и да се зголемува бројот на вработени во претпријатието – кажа Живка Ангелоска, советник од редовите на СДСМ.

Живка Ангелоска

Планот за вработување предвидува 14 работни места, но станува збор за лица кои веќе со години се работно ангажирани со договор на дело, дел од кои се со нерешен статус и по 10 години, кажа  Теодор Андоноски, директор на ЈП „Билјанини извори“. Додаде дека тие работни места се предвидуваат во планот за доколку има можност да им се реши работниот статус на тие луѓе.

Не планираме нови вработувања. Во однос на работните позиции раководители, овие две места се испразнети по сила на Закон бидејќи вработените имале рок од 7 год да завршат високо образование, но не завршиле и по сила на закон тие не се веќе раководители. Ние мора да ги предвидиме тие места во планот за вработување. Во однос на другите вработувања, не станува збор за администрација, туку тоа се работници. И имаме три вработувања во службата пајак – кажа Теодор Андоноски, директор на ЈП „Билјанини извори“.

Тео Андоноски

Андоноски додаде дека и да сакаат не можат да најдат нови работници бидејќи никој не се нафаќал да работи за плата од 18 000 денари, при што во иднина ЈП ќе се соочат со проблем за работници кои би имале минимален доход.