Skip to main content

Изгласани новите цени за паркинг и користење на спортските терени на ЈП Билјанини извори

Според образложението од раководството изнесено пред советниците на денешната седница, јавното претпријатие има потреба од зголемување на приходите поради драстичното зголемување на трошоците во работењето, а при конципирање на новиот ценовник се водело сметка поскапувањето да не е на терет на граѓаните на Охрид. За опозицијата во советот поскапувањето на услугите на јавните претпријатија не е изненадување туку пракса. Кај ЈП „Билјанини извори“ посочија еден нов момент, давањето право на пајак службата да подига возила од јавен паркинг простор без асистенција од полиција.
 |  инфодеск  | 
Седница

Со 17 гласа За и 5 против на денешната седница на Совет беше дадена согласност за дополнување и изменување на одлуката за утврдување на цени за користење на спортските објекти и паркинг простори со кои стопанисува ЈП „Билјанини извори“.

Со стапување на сила на оваа одлука во Премиум зона, паркирањето во шест месеци од октомври  до март ќе чини 30 денари по час, а останатите шест месеци од април до септември 100 денари по час. Во Зона А и зона Б паркирањето поскапува за 10 ден по час. Дневните карти ќе чинат 400 денари во Зона А и 300 ден во Б во текот на шесте „зимски месеци“ и по цена од 600, односно 500 денари во шесте „летни месеци. Новина е можноста да се извади дневна карта и во Премиум зоната. Цената на месечните билети за паркирање за граѓаните останува иста и важи за целата година.

Директорот на ЈП „Билјанини извори“ Теодор Андоноски пред советниците кажа дека менаџментот бил приморан на ваков чекор поради зголемените трошоци на претпријатието. Тој посочи дека 65% од вкупните приходи на претпријатието одат за плати, 10% од приходите за покривање на  трошокот за електрична енергија кој на годишно ниво е зголемен за 6 пати, трошоците за семиња, ѓубриво, репроматеријали се дуплирани, а од следната година на ЈП доделен е и голф теренот кој во однос на трошоци ќе биде уште еден спортски центар. Ценовникот го конципиравме на начин да обезбедиме поголеми приходи, но тоа да не се рефлектира на граѓаните на Охрид. Премиум зона, со најмал број на паркинг места но според ЈП е најкористена, и таму има намалување на цената за 50% додека пак за зоните А и Б ценовникот е направен во 2013 година, потенцира Андоноски.  

Што значи вредноста на тие пари тогаш и сега не е иста, кога трошоците биле драстично помали па сега поскапувањето од 10 денари не е големо. Во однос на дневните карти, охриѓани не користат дневни карти за паркинг, тоа се претежно гости и туристи. Месечните билети за паркирање за граѓаните остануваат исти во текот на целата година. Има поскапување од 1800 на 2200 денари за хотелите претежно на Кеј Македонија кои закупуваат паркинг места пред своите објекти. Но тоа не ги допира граѓаните и мислам дека е голема работа што не поскапуваат месечните билети кои охриѓани најмногу ги користат и се навистина евтини. Во однос на цените за користење на спортските терени, тоа не се однесува на охридските клубови бидејќи сите охридски клубови имаат субвенционирани тренинзи, значи тие не издвојуваат средства за тренирање – кажа Теодор Андоноски.

Седница

Цените за спортските терени се покачуваат за клубови кои доаѓаат на припреми во Охрид. Што се однесува на сидриштето во Каналот Студенчишта нема поскапување за кајчиња и катамарани, а новите повисоки цени за глисерите се и понатаму пониски од цената на приватникот кој  стопанисува со дел од каналот и делот кој е на АРМ, објаснуваше Андоноски.

Поскапувањето на услугите на јавните претпријатија не е новина, тоа стана пракса која започна со Охридски Комуналец, потоа се зголеми закупнината на тезгите во Градски пазар по што следуваше енормно зголемување на цените во Градски гробишта, кажа советничката од СДСМ, Живка Ангелоска. Во случајот со ЈП Билјанини извори покрај ценовникот има и нов момент, воспоставување нови права на претпријатието и дополнителни обврски за граѓаните, посочи советничката.

Досега отстранување на возила Пајак службата вршеше со асистенција и присуство на полиција поради непрописно паркирање, а сега претпријатието ќе може да подига возила за неплатен паркинг.

Ако го погледнеме ценовникот ние како советници треба да дадеме право на ЈП да врши отстранување и пренесување на возила од паркинг просторите со кои стопанисува секогаш кога нивниот контролор ќе го побара тоа од ЈП затоа што возилото не било внесено во системот на наплата. Она што треба ние да го размислиме дали Советот има надлежност да му даде право на ЈП самото да врши подигнување на возила од јавен паркинг, а тоа да биде како инструмент за реализација на наплата. Јас сметам дека тоа не смееме да го дозволиме – кажа Живка Ангелоска.

Во однос на измените за Пајак службата, Општина Охрид не е прва во воведување таква можност за ЈП туку тоа веќе функционира во други општини како Центар, кажа директорот на Билјанини извори. Додаде дека потребата се наметнала затоа што Јавното претпријатие има сериозни проблеми со окупирани паркинг места со возила за кои не може да изврши наплата, а во кои случаи не може да постапува полицијата.