Skip to main content

Изградба на четвороспратен објект во старото градско јадро е спротивно на основните начела на заштитата, повиканите институции си ја префрлаат одговорноста

Со издавањето на потребната документација во октомври 2019 година за изградба на објект на 4 ката во старо градско јадро на Охрид на Ул Христо Узунов „изостанала стручност и знаење за потребата од зачувување на светските вредности“. Ова е заклучокот на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Комисијата, формирана од владата токму за да ја следи легислативата и нејзино спроведување за заштита на културното и природното наследство на Охридскиот регион, издала мислење и препорака НУ Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид, УЗКН и Министерството за транспорт и врски да си ги повлечат и преиспитаат издадените акти за овој објект. Повиканите институции пак, си ја префрлаат одговорноста едни на други.

 |  Валентина Неловска  | 

Изградба на четвороспратен објект на ул Христо Узунов во старото градско јадро е спротивно на основните начела на заштита на културното наследство, Законот за старо градско јадро и Планот за управување со Охридскиот Регион, констатирала Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Комисијата во која членуваат и стручни лица, претставници од НУ Завод и музеј и УЗКН, го разгледала случајот со објектот на ул. Христо Узунов, за кој вчера мирен протест имаа околните соседи, и заклучила дека објектот кој планира да се гради не ги почитува повеќето критериуми за зачувување на изворната состојба на градбата – катност, габарит, естетско обликување, дадени во актите од националната законска регулатива во заштитна дејност и општите начела за урбанистичко планирање на старото градско јадро. Со издавањето на потребната документација во октомври 2019 година „изостанала стручност и знаење за потребата од зачувување на светските вредности“.

Не може, а да не се забележи дека во делот на максимално дозволената катност со изводот од детален урбанистички план се предвидени три ката, а со проектот 4 катови, велат од комисијата и притоа потенцираат дека висинските разлики во теренот или котите , не се оправдување за да се градат објекти кои отскокнуваат и ја изменуваат визурата на заштитената целина стар град.

По утврдените неправилности Комисијата издава препорака до НУ Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид, УЗКН и Министерството за транспорт и врски кое е надлежно за одобрение за градба да изнајдат начини да ги преиспитаат/повлечат издадените акти. Мислењето на Комисијата било усвоено на 29.12.2020 г.

За ова укажување од Комисијата побаравме став од надлежните институции.

Од НУ Завод и Музеј со писмен допис ни одговорија дека „ги известиле сите надлежни органи за постапување по предметот согласно законската регулатива. Доколку од страна на Управата за заштита на културното наследство од Скопје од нив побараат да се изготват нови заштитни конзерваторски услови тие тоа ќе го направат по претходно поништување на веќе издадените акти“.

Од Министерството за транспорт и врски, со став дека нивната институција издава одобрение за градба врз основа на веќе одобрени конзерваторски основи од Завод и музеј и УЗКН.

Во писмениот одговор на Министерството за култура стои дека „по преставката поднесена од група граѓани од Охрид, со која се бара стопирање на градежен проект на ул. „Христо Узунов“ бр. 17 и мислењето на Управата за заштита на културното наследство ценат дека е потребно Управата за заштита на културното наследство да ја преиспита стручната основаност на Конзерваторското одобрение кое го издала на 08.10.2019 г. од аспект на неговата усогласеност со режимот на заштита на светското културно наследство и од аспект на почитувањето на препораките на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО“.

Побаравме став и од Управата за заштита на културното наследство од каде чекаме одговор дали конзерваторското одобрение ќе биде повлечено.