Изградбата на базенот се пролонгира повторно
Повторно се продолжува рокот за завршување на изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид. Последно, во август минатат година, од Агенцијата за млади и спорт, која е инвеститор на изградбата, беше најавено дека објектот ќе биде завршен до април 2023та. Сега изградбата повторно се пролонгира за 4 месеци, информира Наумче Мојсоски, директорот на Агенцијата за млади и спорт.
„Изградбата ќе заврши до ноември месец оваа година. Крајниот рок беше 31 мај -1 јуни, но се пролонгира. Имавме наши технички проблеми со надзорот, а од нивна страна главниот изведувач беше во притвор и се продолжи за онолку месеци за колку што не работеа“, информира Мојсоски.
Затворениот пливачки базен во Охрид во кој ќе има два базени ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима поисплатливо. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. Мојсоски кажува дека 70 проценти од содржините во базенот се завршени,а простануваат уште 30 за да се финализира објектот.
„Трибините се направени, се ставаат столчињата , треба да се донесе коритото. Фазите за електриката се направени. Се оградуваат соблекувалните и другите простории на овој најголем објект досега во Македонија“, вели Мојсоски.
Базенот кој започна да се гради од ноември 2015 година е инвестиција вредна околу 5 милиони евра. Објектот првично требаше да биде завршен во април 2018 година, но со анекс договор на барање на изведувачот фирмата „Бауер БГ“ од Скопје, изградбата на објектот се пролонгираше до 2020, односно 2021 година.