„Изгубени Германци“, претстава за вечните теми, животот, смртта и општеството
Претставата е во изведба на Македонскиот народен театар, а се базира на периодот од Втората светска војна.
Утревечер во драмскиот дел на Охридско лето, публиката ќе може да ужива во целовечерната драма „Изгубени Германци“ на Дејан Дуковски. Оваа престава која обработува современи идеи, се базира на амбиент кој се базира на периодот од Втората светска војна.
Приказната е сместена при крајот на војната, во 1944 година кога одредена група германци се затворени во еден рудник барајќи некаква руда.
„Така заробени во тој простор, би рекол Дуковски со својот најнов текст, асоцира по начинот на пишување на она што го прави Јонеску во „Затворениот круг“, на неможноста да се излезе од тој затворен круг или некаков имагинарен простор. Ликовите се фатени во стапица, влегуваат во различно емотивни состојби, со различни барања, истражувања, така што или има некаков вид на цинизам, многу комични елементи во таа апсурдна драма.“-вели драмскиот селектор на Охридско лето, Ѓорѓи Јолевски.
„Изгубени Германци“ после долги десет години, на Охридско лето го носи и маестралниот Никола Ристановски. После сето тоа време, еве што тој очекува од утрешната претстава.
„Очекувам тоа што постојано го очекувам. Со публиката да споделиме нешто што ние го мислиме, ние го чувствуваме, со една екипа која мене ми е многу драга, со колеги со кои одамна не сум работел и со режисер со кој исто така една деценија немам работено, така да некако сите импресии ми се поврзани со некои децениски математики.“-рече актерот Никола Ристановски.
Доста интересен лик во „Изгубени Германци“ игра и актерот Оливер Митковски.
„Во секој случај ќе биде интересно, посебно што во оваа претстава јас играм македонец, кој што според текстот на Дејан Дуковски би требало да биде Американец, и би требало да биде припадник на светскиот капитализам, но во нашата верзија, според идеите на режисерот и според мое лично видување, јас направив една биографска приказна од ликот и го сместив, го лоцирав во Охрид. Ликот што го играм е охриѓанец, така да ќе биде многу интересно, посебно за мене, да настапувам на Охридско лето пред охридската публика. На некој начин ќе биде вистински тест за мене. Во Скопје си помина одлично, ќе видиме како ќе помине пред охридската публика.“-изјави актерот Оливер Митковски.
Инаку покрај Ристановски и Митковски, во „Изгубени Германци“ уште настапуваат и Камка Тоциновски, Јордан Симонов, Јовица Михајловски, Тони Михајловски, Ѕвезда Ангеловска, Емил Рубен и Сања Арсова. Текстот е на Дејан Дуковски, а режијата на Слободан Унковски. Претставата ќе се одигра утревечер во 21 часот во големата сала во Центарот за култура „Григор Прличев“.
{loadposition content9}