Изложба на фотографии од најпретставителните единки на Балкански рис досега фатени на камера во КЦ Култ Охрид
Изложба на фотографии кои ја прикажуваат убавината и уникатноста на Балканскиот рис од денеска е отворена за охридската јавност во Културниот центар „Култ“ . 21 фотографија од најпретставителните единки на ова ретко и таинствено животно содржи селекцијата создавана околу 17 години во рамки на Програмата за закрепнување на балканскиот рис која ја спроведува Македонското еколошко друштво (МЕД). Фотографиите се направени со помош на фотозамки, како најкористен метод за теренско истражување на притаени диви животни, а неколку се уловени со фотоапрат.

Како критично загрозен подвид кој живее само во регионот на Западен Балкан, со помалку од 50 возрасни единки во природата, балканскиот рис е под закана од загуба на живеалишта, криволов и ниска генетска разновидност. Оваа изложба сведочи за значењето на Балканскиот рис како незаменлив дел од природното наследство на регионот и ја истакнува итноста да му се овозможи опстанок, велат од Македонското Еколошко Друштво.

„ Рисот не сака многу вознемирување така што голосечите доста негативно влијаат на неговиот опстанок, иако е строго заштитено животно, сепак постои криволов и бидејќи се работи за многу мала популација секоја единка е значајна, тоа значи дека и една единка да биде убиена нелегално тоа е голема штета. Сега во последно време гледаме дека размножувањето во сродство е сериозна закана за Балканскиот рис и работиме во најновата фаза од програмата да го обновиме генетскиот фонд на Балканскиот рис со тоа што би донеле нови едински да се измеша крвта.“ – изјави Диме Меловски од Македонското Еколошко Друштво (МЕД)

Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која делува во рамки на МЕД, започна во 2006тата и следната година одбележува две децении постоење и посветена работа за систематско мониторирање на овој вид.
„ Во Македонија би требало околу 40-тина возрасни единки да има, на Балканот не повеќе од 50. тука во НП Галичица се моташе еден рис но тој отпатува на друга планина пред година дена , дали се вратил не знаеме, работиме заедно со НП Галичица на фото замки за да го откриеме тоа. Главното подрачје на рисот е НП Маврово, таму го има најмногу и околу на Шара, Јасен , Стогово, Краорман и Јабланица се планините каде ова животно се среќава. “ – кажа Меловски.
Балканскиот рис е предатор без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите. Македонското Еколошко Друштво спроведува едукација во училиштата пред се во западна Македонија каде животното е присутно со цел да ја приближи до децата сета негова убавина, но и заканите за негово исчезнување.

„Присутни сме и во медиумите и во училиштата, се почесто зборуваме за рисот и се повеќе имаме претстава дека учениците го поимаат рисот како свое животно како национална гордост и се помалку има погрешни перцепции во смисла на тоа дека е крволочен ѕвер , дека убива стока. Мислам дека малку по малку ги рушиме тие митови и погрешни перцепции кај луѓето.“ – Александар Павлов од МЕД.

Изложбата за Балканскиот рис во организација на Македонското еколошко друштво е патувачка и во Охрид во соработка со Културниот центар „Култ“ и Националниот парк „Галичица“ ќе биде отворена за разгледување до 21 октомври,а влезот е бесплатен.
