Skip to main content

Изложба

Изложба на портрети Беше еднаш Холивуд

Портретите се потсетување на омилените, некогашни ѕвезди од златното време на Холивуд. Авторот избрал 32ца популарни актери кои се паметат и денес, а некогаш ја полнеле киносалата Охридско езеро.
 |  Валентина Неловска  | 

Изложени портрети под наслов „Беше еднаш Холивуд“ од Ѓоко Симјаноски. Изложбата е тема на културниот настан „Охридски приказни“. Симјаноски ја посвети изложбата на филмската уметност со избор на портрети од најпознатите актери кои го одбележаа минатиот век. Со портретите изработени во техниката графика со молив, авторот приреди своевиден времеплов низ добрите, стари филмски времиња, кога кино салите беа полни со љубители на филмската уметност. Навидум Холивуд и Охрид немаат некоја поврзаност, но сепак постојат длабоко, врежани сеќавања кај повозрасните охриѓани за времето од 50те и 60те години од минатиот век, вели Симјаноски.

„Беше еднаш Холивуд нема некаква врска со Охрид и Охридски приказни, но ако се земе во предвид дека ова се актери кои биле некогаш популарни, а охриѓани се воодушевувале од овие ликови одејќи во киното „Охридско Езеро“ и ги гледале тие стари филмови тогаш темата е погодена. Изложбата е од голема љубов што ја имам кон филмот, а како круна со она што се занимавам, со сликарството па ги споив во една заедничка целина за да ги презентирам на овој настан“, вели Симјаноски.

Актерите на изложените портрети не се повеќе меѓу живите тие се во вечните ловишта, напоменува Симјаноски. Тие се актерите кои го одбележаа златното време на Холивуд и оставија длабоки траги во сеќавањата кај гледачите со своите улоги и природен сексипил. Авторот избрал 32ца актери меѓу популарните ликови, по 16 машки и женски, чии имиња се паметат и денес. Меѓу нив се филмските легенди Џон Вејн и Мерлин Монро.

„За сите љубители на филмската уметност ова беше можност да се потсетат на едни дамнешни времиња кога филмот имаше поинакво име, а со тоа и тогашните актери беа поинакви , без намера да ги навредам денешните актери. Вистинските љубители на филмот ќе ги паметат засекогаш“, кажа авторот.

Ѓоко Симјаноски е сликар и голем вљубеник во седмата уметност, добро познат на гледачите како автор на култната емисија Филмско око која се емитуваше на ТВМ Телевизија повеќе од две децении. Изложбата е спој на двете големи пасии на Симјаноски, љубовта кон сликарството и филмот. Неговата намера е со портретите не само да ги потсети повозрасните на дамнешните времиња од нивната младост туку да ја пренесе магијата и посебното чувство на доживување на филмот на големиот екран кај помладата генерација. Културниот настан „Охридски приказни“ и дружбата со охриѓани се одржа во „Форт кафе“. Интервјуто со Симјаноски го изработи Супер Радио и е објавено на јутуб каналот на радиото.