Изложбата „Убавините на љубовта“ пред охриѓани
Интернационалниот ликовен караван насловен како „Сета таа убавина“, во наредниве две недели пред охриѓани. Во рамките на караванот, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложбата „Убавините на љубовта“, со дела на голем број еминентни сликари и скулптори од повеќе европски земји.
Изложбата на слики, скулптури и графики, насловена како „Убавините на љубовта“, која пак е дел од интернационалниот ликовен караван „Сета таа убавина“, од денес, па во наредните две недели ќе биде поставена во галеријата на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Интересно е да се напомене дека оваа изложба покрај во Охрид, гостува низ повеќе градови од нашата држава, но и пошироко во светот.
Љубителите на сликарството, ќе имаат можност да уживаат во убавините на делата на Рубенс Корубин, Васко Ташковски, Ристе Пуцоски, Петар Мазев, Димитар Кондевски од Македонија, како и Петар Лубарда, Весна Радишиќ, и многу други претставници на балканските и европските земји.
Охридскиот сликар Славко Упевче објаснува дека иницијатор на овој караван е сликарот Тихомир Кондев од Белград, кој караванот го има поделено во два циклуси. Првиот циклус го опфаќа периодот од 2005-та година до 2010 година и вториот циклус од 2011 до 2020 година насловен како „Сета таа убавина“.
„За секоја година Кондев како организатор на караванот задава една тема, на која работат сликарите. Досега во изложбениот салон во глаеријата на Центарот за културата, секоја година се поставени изложби од ликовниот караван, со еминентни сликари од повеќе европски земји и Македонија. Исто така во таа колекција од 500 слики, господинот Кондев ги вклучува делата на познатите македонски сликари како Димитар Кондев, Васко Ташкоски, Петар Мазев и други“ вели Упевче.
На изложбата застапени се дела работени во повеќе ликовни техники и тоа графики, скулптури, а најмногу слики работени во масло на платно. Центарот за култура „Григор Прличев“ е дел од овој несекојдневен културен настан, со тоа што им овозможува на уметниците, нивните дела да бидат изложени и тука во Охрид, изјави директорката на центарот за култура, Драгана Боцевска.
„Со вакви и слични настани продолжуваме, па така оваа сабота во соработка со „Артерија“ ќе имаме изложба на графики, која се базира на соработката на уметниците од Бугарија и Македонија. Сме имале и низ целото лето голем број интернационални настани од областа на сликарството и ова е само едно продолжение во таа насока, кое се должи на тоа што Охрид е еден центар на културата, па така имавме голем број изложби и летниов период па така и породолжуваме понатаму.“ додава директорката Боцевска
Оваа година поради просторот е направена една мала селекција на слики од ликовниот караван, се со цел во истиот да биде вметната и самостојната изложба на академскиот сликар од Белград Горан Јованов, кој на изложбата ќе биде застапен со 13 свои дела. Отварањето на изложбата „Убавините на љубовта“ е вечерва во 20 часот, во галеријата на центарот за култура.
{loadposition content9}