Изведена вежба за евакуација при елементарна непогода во СОУ „Св. Кирил и Методиј“
Вежбата покажа колку се подготвени и координирани школото и институции за безбедна евакуација при елементарни непогоди. Вакви тестирања на планот за евакуција се предвидени во сите охридски училишта.
Во средното општинско училиште „Св Кирил и Методиј“ изведена симулациска вежба за евакуација во случај на земјотрес и пожар. Во показната вежба покрај наставниците и учениците од економското училиште, учествуваа и претставници од Општинската организација на Црвен крст, Територијалната против пожарна единица, Секторот за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за спасување и заштита. Сценариото на вежбата имаше за цел да го испроба планот за евакуација и да се види подготвеноста на сите институции во нивната координација за безбедна евакуација од просториите, истакна Сашо Точков, претседател на ОО ЦК.
Секоја институција според закон е задолжена да им план за евакуација и пропратни работи, како што се лица за укажување на прва помош, за отворање на врати, правење простор за евакуација, сите технички работи коишто треба да ги има секоја институција. Сите треба да имаат планови, а не да стојат на ѕид туку да се извежбаат. Да знаат вработените, наставниците и учениците како да се однесуваат, да не прават паника во случај на елементарни непогоди како што е земјотрес – истакна Точков.
Со вежбата и практично се покажа како функционираат во училиштето во случај на земјотрес и пожар. Вработените и учениците презентираа колку ефикасно се подготвени да се спроведе евакуацијата според планот. Се покажа дека има добра координација на школото со другите институции, кажа Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Исто така изведената активност покажа на потребата на уште поголема координација во изготвување на поефикасни планови за евакуација, заштита и нивно имплементирање. Сметам дека вакви активности се потребни, а треба и да се почести за подоследно и поефективно спроведување на мерките кои се предвидени во плановите за евакуација – вели Димоски.
Во претстојниот период ќе се тестира подготвеноста за спроведување на планот за евакуција и во другите образовни институции. Слични симулациски вежби се планирани да се реализираат во сите охридски општински средни и основни училишта.