Skip to main content

Граѓански организации од охрид струга и поградец

Невладините : Извештајот за природното и културното наследство до УНЕСКО не е реален

Шеснаесет невладини од земјава го критикуваат Извештајот за културното и природното наследство кој владата го испрати до Унеско. Велат извештајот не кореспондира со реалната состојба. Од 19 препораки на Унеско спроведени се само четири и тоа делумно и нецелосно.
 |  инфодеск  | 
Охрид

Извештајот за природното и културно наследство на Охридскиот Регион, кој владата го достави до Унеско не кореспондира со реалната состојба, реагираат граѓанските организации од Охрид,  Струга и Поградец. Извештајот е обичен препис направен и поднесен до УНЕСКО. Многу аспекти од овој извештај не се точни и не ја отсликуваат реалната состојба. Од 19 клучни препораки на Унеско, реализирани се само четири и тоа нецелосно само делумно, велат невладините.

Неконтролираната урбанизација е спомната со четири реченици, а тоа е голем проблем кој се случува во Националниот парк „Галичица“, а спомнат е некојси црвен елен кој што е таму појавен на половина страна. Значи урбанизацијата која е голем проблем е занемарена. Има и точни работи кои се спомнати, но има и големи пропусти и погрешни се со цел да се одвлечи вниманието на јавноста од овие проблеми – вели Никола Киселинов од Туристичката асоцијација „Билјана“, Охрид.

Невладини

Преставниците на шеснаесет невладини организации од земјава велат дека ова не е првпат да се поднесува ваков извештај, а клучниот проблем е што државата нема комуникација со невладиниот сектор иако тоа е според препораките на УНЕСКО.

Голем проблем е и заштитата на Охридското езеро и човечкото влијание врз екосистемот. Ние како невладина секогаш ќе го застапуваме интересот на граѓаните, и формиравме една стратегија за комуникација која е препорака од страна на УНЕСКО, но интересот на Владата и другите институции не е таков како што треба да биде – вели Ндерим Положани од невладината Капс Струга.

Невладини

Археологот Сашо Кироски од Асоцијата за заштита на природното и национално богатство вели во последните 15 години не е направен ниту еден проект од страна на Завод и Музеј Охрид, а нема ниту едно археолошно научно истражување иако сето тоа е предвидено со проект планот на УНЕСКО што треба да се спроведе до 2029 година.

Се срамам кога ние чекаме да дојдат од УНЕСКО и да ни кажат што треба да правиме со најстарото езеро во Европа и светот. Зарем толку имаме еден грам капацитет за да можеме да го заштитиме Езерото. Цело време чекаме други да ни кажат, а ние не знаеме да застанеме и да си го средиме отпадот кој го имаме – вели Кироски.

Според Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја, потребна е соработка на сите инволвирани во регионот дека со двете мисии на УНЕСКО во 2017 и 2020 година има голем број забелешки, 19 препораки за кои до денес не се преземени никакви мерки.

На македонска страна најдобра иницијатива е враќањето на реката Сатеска во старото корито. Меѓутоа за другите проблеми конкретно досега ништо. Не знам што има во Планот за ревитализација за кој требаше да се дискутира со сите актери во регионот – вели Мероли.

Невладините велат дека не се запознаени ниту со Планот за ревитализација, а најавија дека ќе бараат од Владата да се почитува и Стратегијата за комуникација од македонска и албанска страна за да има транспарентност и резултати во заштитата.

Новинар : Соња Рилковска