Нова туристичка понуда во градов
Риболов со кајак по Јадранскиот слив. Се е подготвено за реализација на оваа авантура во која се вклучени четири држави.Оваа идеја на спорското риболовно друштво „Свети Апостол Петар“ привлече огромен интерес не само кај домашните туку и кај странските риболовци.
Охридските рекреативни риболовци се подготвуваат за риболов со кајак по Јадранскиот слив. Оваа авантура ќе започне од Охридското Езеро, преку Црн Дрим, Дебарското Езеро, Албанија, езерото Фрејза, па се до реката Бојана. Првата пробна тура ќе се организира кон крајот на април а во месец мај планирано е да се направи промотивна тура. Оваа идеја на спорското риболовно друштво „Свети Апостол Петар“ привлече огромен интерес не само кај домашните туку и кај странските риболовци. Радован Димитриески-претседателот на ова риболовно друштво вели дека во проектот ќе влезат четири држави и тоа Македонија, Албанија, Косово и Црна гора.
Имаме подршка од овие земји. Таму се формираа комитети кои ќе учествуваат во реализацијата на овој проект. Разговаравме и со сите кајакарски клубови од Македонија како и со риболовните друштва кои ќе ни помогнат околу водичите кои ќе ја предводат турата, вели Димитриевски.
Риболовците велат дека Охридското Езеро има потенцијал, само потребно е да се формира рекретивна и риболовна зона каде ќе може да се развива риболовниот туризам кој се почесто е баран од посетителите како алтернативна форма на туризам. Тие додаваат дека 15-тина проценти од домашните гости се спортски рекреативни риболовци, а нашите најбројни странски туристи кои доаѓаат од Нордиските земји се страсни риболовци. На промотивната тура ќе пристигнат двајца познати кајакари и риболовци од странство кои имаат сопствени агенции кои организираат токму вакви тури. Димитриески е затекнат од интересот кај странците наспроти незаинтересираноста кај нашите институции за еден ваков несекојдневен настан.
Досега немаме стапено во контакт со Агенцијата за подршка и промоција на туризмот иако ја информиравме за оваа тура, а ниту пак сми оствариле контакт со Градоначалникот на Охрид иако веќе две години бараме прием, кажува Димитриевски.
Овие риболовни тури би чинеле околу 10 000 евра. Ќе траат 5 до 7 дена , а покрај што ќе може да се лови ќе има и рафтинг бидејќи на патеката која ќе се помине има брзи води кои можат да се искористат токму за ваква авантура. Турите ќе се реализираат од месец мај до октомври кога се и најидеални временските услови, а и кога е дозволен блинкерот. Би се ловела пастрмка и други риби кои се предатори.
{loadposition content9}