Општина Охрид ги повикува граѓаните да предлагаат нови имиња за улици, плоштади и мостови

Општина Охрид објави јавен повик со кој ги повикува граѓаните и сите заинтересирани субјекти активно да се вклучат во процесот на предлагање имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во општината.
Целта е да се создаде соодветна листа на имиња која ќе го одразува историското, културното и традиционалното наследство на Охрид и охридскиот регион, но и да се овозможи поголемо учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки.
Предлозите можат да се однесуваат на географски и локални топоними, називи поврзани со традицијата, обичаите и занаетчиството, значајни историски настани и периоди, како и имиња на истакнати личности од областа на историјата, науката, културата и општествениот живот. Можат да се предлагаат и имиња на значајни датуми и настани од локално, национално и меѓународно значење.
Право на учество имаат месните заедници, групи од најмалку 20 граѓани, здруженија, фондации и други правни субјекти. Поединечните граѓани можат да достават предлози преку месните заедници или како дел од иницијатива поддржана со најмалку 20 потписи.
Секој предлог треба да содржи име што се предлага, вид на инфраструктурниот објект, населеното место на кое се однесува, кратко образложение за значењето и оправданоста на името, како и податоци и контакт-информации за предлагачот. Доколку се предлага име на личност, потребно е да се достави и кратка биографија со информации за нејзиниот живот, дело и придонес.
Предлозите можат да се достават во писмена форма во архивата на Општина Охрид или по пошта на адреса: Општина Охрид, ул. „Димитар Влахов“ бр. 57, Охрид.
Рокот за доставување е 10 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.
Пристигнатите предлози ќе ги разгледува и анализира општинска комисија, која ќе води сметка за нивната законска усогласеност, историското и културното значење, автентичноста и препознатливоста, како и за избегнување дуплирање на исти имиња во рамките на едно населено место.
Од Општина Охрид посочуваат дека доставувањето предлог не значи и негово автоматско прифаќање. По завршувањето на постапката ќе биде подготвена предлог-листа на имиња, која ќе продолжи во законски предвидената процедура, со разгледување од страна на Советот на Општина Охрид и претходно добивање согласност од Владата.
Заинтересираните граѓани повеќе информации, како и целосните услови и критериуми за учество, можат да ги најдат во објавениот јавен повик на Општина Охрид.








