Јавните личности од градов ги покажаа своите келнерски и шанкерски вештини за хумана цел
Обединети, разработени, денес подготвуваа најразлични пијалоци во кафе тераса Аквариус. Сето ова со цел да се соберат финансиски средства кои ќе бидат наменети за Дневниот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост , „Зраци“ од Охрид.
Политичари, новинари, шоумени, јавните личности од градов денес здружено за една повисока цел. Во кафе терасата Аквариус подготвуваа и служеа пијалоци за гостите кои денес го посетија овој угостителски објект. А богами и оние што ја добија улогата на келнери, и оние што работеа од другата страна на шанкот имаа полни раце работа. Кафе терасата беше преполна со луѓе, сите пријатно изненадени кога некој советник, новинар или шоумен ќе застанеше до масата и ќе им речеше „Повелете“. Некои со табаката во двете раце, некои пак како професионалците ја држеа во една и со исклучителна посветеност и насмевка на лицата успеваа да ги услужат сите гости. Нашата екипа успеа накратко да улови дел од вредните работници и да ги запраша нешто повеќе за оваа хуманитарна акција.
„Хуманитарнава акција не е измислување на топла вода, но е доделување на топлина кон сите граѓани на Охрид, со цел хуманитарноста да дојде до израз и со цел да се покаже дека хуманоста и човечноста е она што е приоритетно и она што ни е најмногу потребно. Треба да се раководиме од едно мото, дека во Охрид имаТ луѓе и дека сите сме едно.“
„Ова е една благородна, хумана идеја која што заслужува да биде поздравена и заслужува да и се даде внимание. Целта е знаеме, сите собрани пари ќе одат за помош на „Зраци“ што е навистина хумано и благородно од страна на сопствениците.“
„Се вклучив чисто од хуманитарни побуди, бидејќи и порано сум учествувал во вакви хуманитарни акции, не само во еден ден, како поранешен член на Лајонс клуб.“
„Акцијата е за хуманитарни цели така да нема двоумење тука, хуманоста е пред се, затоа е моето вклучување тука, случајно застанав позади шанкот, но испадна дека имамногу повеќе работа, но ќе се снајдеме некако. Сепак има и забавен карактер, тоа е еден плус.“
„Ја поздравувам иницијативата на организаторите и баш ми е мило што сум дел од оваа акција. Ова не ми е прва хуманитарна акција, така да баш се чуствувам добро и малку со искуство од келнерство, така да почнав да работам келнер.“-рекоа дел од нив.
А идејата за реализација на оваа хуманитарна акција дошла сосема спонтано.
„Акцијава како што гледате се одвива во најдобар ред. Одзивот на присутните сами гледате, луѓето се тука, сите се задоволно што се дел од оваа акција и ова ни дава надеж дека и во иднина вакви акции ќе се организираат, се надеваме во поголем број. Пријавувањето одеше спонтано и во име на оваа акција сите заборавија на своите вокации, своите определби, сега сите се овде еднакви, со една, едноставна намера, да се помогне таму каде што е најпотребно.“-вели Михаил Мишев од Тераса Аквариус.
Инаку сите средства собрани од продажбата на пијалоци и кафе во периодот од 11 до 14 часот како и бакшишите на вредниот персонал, ќе бидат наменети за потребите на Дневниот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост , „Зраци“ од Охрид.
{loadposition content9}