Јавноста се вклучува во постапката за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје
На јавна дебата се слушнаа предлози за изготвување Нацрт- Студија за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро. Меѓу предлозите се зонирање на езерото и замена на моторните чамци со еколошки мотори.
Одржана јавна дебата во која се вклучија претставници од научната јавност, невладините организации и засегнати страни кои се занимаваат со заштита на Охридското езеро. Целта е сите засегнати страни да се запознаат и да се вклучат во подготвување на Нацрт- Студијата за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро. Учесниците на јавната дебата изнесле свои предлози како Охридско Езеро да се заштити како подрачје во категорија Споменик на природа. Меѓу предлозите се езерото да нема административни граници, а се дадоа и препораки за зонирање, информира Климент Нанев, локален координатор на проект.
„Во студијата беше предложено зонирање. Предложени се 4 зони, строга заштита, активно управување, одржливо користење и природна зона. Во однос на употребата на пловни објекти фокусот е ставен на користење на еколошки мотори со повисоки стандарди и замена на постоечките со нови.“
Учесници на јавната дебата биле претставници и од општина Охрид и Струга, од Хидробилошкиот завод Охрид, од струшкиот Природно научен музеј Никола Незлобински, како и меѓународните донатори од Понд, Фонд за природа Охрид- Преспа и локални невладини организации. Дебатата ја организираа Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со меѓународните организации УНЕП и Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија.Во иднина за заштита на Охридското езеро ќе може да се користат средства од разни меѓународни и домашни фондови, вели Нанески.
„Во понатомошниот процес во изработката на Планот за управување ќе бидат предвидени и можност за финансирање . Планирано е да се оформи т.н тело за управување кое ќе управува со споменикот на природата Охридско езеро и за финансирање на органот за упарвување со езерто ќе се потребни финански средства. Дел ќе обезбеди државата, а другиот дел се надевам ќе ги покријат од меѓународни донаторски организации.“
Јавноста ќе може да ги доставува забелешките и коментарите на оваа работна верзија заклучно со 31ви декември. Потоа следува нацрт верзијата на Студијата која ќе биде финализирана и поднесена до МЖСПП.