Јосифоски: Пазарот е преплавен со шербети кои се продаваат како мед, купувачите да бидат внимателни
Природниот мед е многу корисен за здравјето на луѓето и поради неговите антивоспалителни својства и супресирачко дејство на кашлиците посебно е баран на пазарот во сезоната на респираторни инфекции.
Но, пчеларите предупредуваат дека пазарот во земјава е преплавен со фалсифукуван мад. Разни сирупи и шербети се продаваат како мед, вели пчеларот Тони Јосифоски кој 25 години се занимава со пчеларство и одгледува над 230 пчелни семејства.
„Охридскиот и струшкиот пазар , како и цела држава е полна со фалсификат мед. Единствена држава сме што медот, името мед не е законски заштитено. Под име мед може се и сешто да се продава, а мед се знае што може да биде. Само мед собран од пчели од растенијата , цветовите и од медната роса од некои дрва е природен мед. – вели пчеларот Јосифоски.
Природниот охридски мед е препознатлив, вкусен, со карактеристична арома и е доста баран иако цената се движи од 600 до 700 денари за кг. Одбирањето на квалитетен мед, иако можеби поскап, сепак е клучно за користење на неговите бенефити за здравјето на луѓето и затоа купувачите треба да бидат многу внимателни, вели пчеларот Јосифоски. Додава дека нечесните практики одат до таму што се фалсификува дури и пчелино саќе.
„ Фалсификатот се продава по 500 денари. Во Струга има пиљари каде се продава мед, пишува мед, за 250 ден со парче пита внатре . Луѓето досега имаа верба во питата но и тоа го фалсификуваат, машински се прави пита. “ – кажува пчеларот.
Продажбата на неетикетиран мед според правилниците на АХВ прво ги доведува во заблуда потрошувачите, а претставува и нелојална конкуренција на пчеларите. Неопходна е контрола на пазарот и санкции, вели Јосифоски.
„ Тоа треба да го исконтролира АХВ , инспекторатот , треба да воспостават некој ред, но за жал тоа го нема. Досега немаат ниту обид направено, за да можеме да кажеме дека нешто се решава, дека има процедура, некој да е казнет. Но такво нешто досега нема.“ – вели Јосифоски.
Во охридскиот регион има над 200 пчелари. Карактеристичен за охридското поднебје е црниот мед или медликовец, но може да се најдат и други видови мед од медна роса од багрем или костен.