Јованоска: Развојот на спортот во градов е мојот главен приоритет
На Спортско рекреативниот Центар „Билјанини Извори“ се обезбедуваат услови за спортување на рекреативците од градов. Поставен е кош во малата сала, истата е затоплена. Директорката Гордана Јованоска најави и враќање на атлетиката во градов.
Развојот на спортот во градов е основен приоритет на директорката на СРЦ „Билјанини Извори“ Гордана Јованоска. Нејзиниот впечаток е дека последниве години младите се повеќе се присутни на спортските терени. Поради тоа, таа смета дека треба да се овозможат услови за секој спортист да може да го тренира она што го сака.
„Освен фудбалот, ракометот и кошарката имаме мала сала во која што имаме вештачка карпа на која може да се развива алпинизмот и тоа сега во моментов го прават активистите од Црвениот крст, имаме клуб за Теквондо и останатите боречки вештини и најново откако јас дојдов на функција, во малата сала поставивме и кош каде што покрај во големата ќе може и тука да се игра баскет, која сала цело време ќе биде затоплена и ќе биде наменета за рекреативците на град Охрид“
Директорката Јованоска открива дека веќе остварила разговор со раководителот на охридскиот атлетски клуб, кој и кажал дека во моментов се бара тренер и во најбрзо време повторно ќе го активираат овој спорт, со цел сите атлетичари од градов да имаат можност да тренираат и повторно да бележат врвни резултати и успеси.
„Нашите врати се отворени. Ние на градскиот стадион имаме дадено канцеларија и тоа бесплатно точно заради тие атлетичари да можат да спортуваат, бидејќи гледајќи наназад нашиот град во атлетиката има постигнато големи успеси, пример Реџеп Селман кој беше еден од нашите олимпијци и ние тоа мора да го почитуваме“
Јованоска е оптимист и смета дека треба постојано да се работи на надминување на проблемите со кои се соочуваат спортистите во градов.