Skip to main content

ЈП „Билјанини извори“ ќе стопанисува со паркинзите кај Св. Софија, Сараиште и на Илинденска, мештаните ќе паркираат бесплатно

Дел од јавните паркинг простори во Стариот град во Охрид , општината ги отстапи на ЈП „Билјанини извори“, откако Советот ја усвои одлуката на денешната седница. За резидентните жители е предвидено паркирањето да биде бесплатно, додека од Општината очекуваат мерката да донесе поголем ред во сообраќајот и да го намали несовесното паркирање. Опозицијата, пак, изрази сомнежи дека решението ќе ги даде очекуваните резултати.
 |  Маја Савиќ  | 

Советот на Општина Охрид на денешната 12-та седница донесе одлука за отстапување на користење на дел од јавните паркинг-простори во Стар град на ЈП „Билјанини извори“. Станува збор за паркинг просторот кај крстосницата на улиците „Цар Самоил“ и „Коста Абраш“ (односно пред црквата „Света Софија“), паркингот долж целата улица „Илинденска“, како и паркинг просторот на улицата „Коста Абраш“ кај Сараиште. 

Пред гласањето, одлуката беше дополнета со член со кој јавното претпријатие се задолжува на резидентните жители од овие улици, кои имаат уредна документација за живеалиште и доказ за сопственост на возило, да им овозможи бесплатно паркирање.

„Сметаме дека со ставање на во функција на паркинг просторот којшто е наведен во одлуката, ќе овозможиме намалување на сообраќајната фреквенција во тој дел од градот и секако, од друга страна, непречено движење на возилата. Второ, мислам дека со регулирање на паркинзите од страна на јавното претпријатие, би добиле непотребно да се отклонат сите оние паркирани коишто сметаат во сообраќајот и ја загрозуваат безбедноста на пешаците и сообраќајот воопшто во тој дел. И трето, мислам дека со оваа одлука ќе се подобри паркирање на резидентното население во тој дел од градот. “ – кажа Тони Иваноски од Сектор за комунални дејности.

Од опозицијата побараа дополнително образложение како ваквото решение ќе придонесе за поголем ред во сообраќајот и паркирањето во Стариот град.  Дилеми имаше и околу тоа како новиот режим на паркирање ќе се усогласи со постојниот систем на рампи за влез во Стар град.

„Не знам колку ќе се направи ред со тоа што ќе му го отстапиме просторот на јавното претпријатие „Билјанини Извори“, односно ако за населението коешто живее таму ќе е бесплатно, за другите нема да е. Меѓутоа, знаете што значи бесплатното на цела улица Илинденска, затоа што нема никој паркинг во во своите домови, знаете каква е ситуацијата таму. Во оние два паркинзи каде што се „Сараиште“ и „Света Софија“, ако населението само тоа има право да паркира бесплатно, тогаш нон-стоп ќе има паркирани коли и не ќе може ниедна друга кола да најде соодветен паркинг.“ – кажа од говорницата Ванчо Костоски, советник од ВМРО-НП.

„Сакам да прашам во однос на рампите за влез во стариот дел на градот. Нели има и горе и долу. Право на влез на тие рампи со картички веќе има, веќе имаат мештаните, односно жителите на Стар Град. Па сега се прашувам кој ќе може да влезе преку тие рампи, како ќе им се отворат за да се паркираат по „Илинденска“, „Коста Абраш“, „Сараиште“ и така натаму. Мислам, малку е нејасно, ако може да ми објасните.“ – кажа Лидија Неданоска, советничка од СДСМ.

Од Општината појаснуваат дека рампите го регулираат само влезот во Стариот град, но не и паркирањето. Право на влез имаат и такси возилата, доставувачите на стока, туристите кои се сместуваат во овој дел од градот, како и вработените во објектите. Според надлежните, токму овие можности често се злоупотребуваат, бидејќи дел од возачите, наместо по завршувањето на обврските да ги отстранат возилата, ги оставаат со часови, па дури и со денови на паркинг-просторот кој првенствено е наменет за жителите.

„Значи целта на оваа одлука ни е токму паркинзите да бидат без надоместок на сите оние коишто се резидентно население. Оние коишто ќе злоупотребат, на пример, ако доставувачот на роба достави роба до некоја продавница и си оди долу на Сараиште цел ден да си прави плажа, возилото го остава на паркингот, треба да си плати. Слична е со ситуацијата и со вработените. Вработените, осум вработени во еден објект, можат да се организираат со едно возило или со две возила да стигнат до работното место, меѓутоа сега за жал остануваат осум возила од сите вработени и нивните фамилии. По завршување на работното време, наместо да го напуштат просторот за паркирање за да им го ослободат на оние на коишто реално им припаѓа, по цел ден ги оставаат возилата. Вакви ситуации се забележани дека има премногу.“ – посочи Иваноски.

Според Иваноски, решението нема целосно да го елиминира проблемот со паркирањето во Стариот град, но ќе значи подобрување. Со преземањето на овие паркинг простори од страна на ЈП „Билјанини извори“ ќе се обележат паркинг местата, ќе се спречи несовесното паркирање на критичните точки и ќе се овозможи непречен пристап за противпожарните возила, Брзата помош и полицијата. Од Општината очекуваат мерката да донесе конкретни придобивки за жителите и да биде чекор кон решавање на проблемот со паркирањето во овој дел од Охрид.