ЈП Градски гробишта излегува од долгови
ЈП Градски гробишта излегува од долгови. За пола година вратена половина од должничката сума. За два месеци наплатени над милион денари без да се покренат извршни постапки.
ЈП Градски гробишта кое изминативе години пливаше во долгови, полека застанува на нозе, тврди в.д. директорот Ванчо Костоски. Од почетокот на годината, до сега, вратени се над 50.000 евра или над 3 милиони денари стар долг од периодот 2016 и 2017 година, а за наплата пристигале долгови и од 2012 година, посочува Костоски за моменталните состојби во ова јавно градско претпријатие. Појаснува дека се враќаат старите долгови, а се сервисираат тековните.
„Некаде над 50 посто од долгот е исплатен, а напластуван 6-7 години. Сега за само 6 месеци со вакво темпо на работа се надевам дека до крајот на септември-октомври долгот да биде нула“, тврди Костоски.
За периодот од почетокот на оваа година, Костоски информира дека над 300.000 денари биле исплатени за трошоци за судски постапки кои се воделе со физички и правни лица, за адвокатски услуги и трошоци за извршители. Со успешно менаџирање од службите на ЈП биле отпишани камати и биле направени спогодби со барателите на побарувањата. ЈП не ја применува мерката извршни решенија за граѓаните за наплата од 600 ден. по основ на гробарина, потенцира Костоски.
„Немаме ниедно извршно решение дадено бидејќи краен рок за плаќање е 2020 година. Нема да ги даваме граѓаните на извршител, туку ќе ги опоменуваме. Има ефект од оваа работа. За два месеци од 2018 имаме наплатено 1 милион и 100.000 денари “, информира Костоски.
Во изминативе 6 месеци споредено со истиот период лани, по однос наплатени средства од гробарина и купување на гробни места се инаксирани 800.000 денари. Ванчо Костоски, в.д директорот на ЈП Градски гробишта очекува за два- три месеци целосно да бидат исчистени долговите бидејќи претпријатието побарува 8 милиони денари, а за враќање остануваат 3 милиони денари.