Skip to main content

ЈП „Колекторски систем“ ги доби готовите проекти за пречистителни станици изработени од шпанска проектантска фирма

Проектните документации за изградба на нова пречистителна станица во Подмоље, пречистителни станици во Љубаништа и Радожда како и за комплетна реконструкција и ревитализација на пречистителната станица во Враништа денеска беа предадени на ДЈП „Колекторски систем“ од страна на шпанската консултантско проектантска фирма ИДОМ. За реализација на проектите потребно е да се обезбедат околу 28 милиони евра.
 |  Маја Савиќ  | 

Македонската страна од Охридското езеро конечно ќе биде во целост затворена со пречистителни станици со што ќе се реши повеќедеценискиот проблем со излевање фекалии во езерските води, кажа денеска на прес конференција директорот на ДЈП „Колекторски систем“ Владимир Алексијоски. Тој објави дека изработени се проектите за нова пречистителна станица во Подмоље, пречистителни станици во Љубаништа и Радожда како и за комплетна реконструкција и ревитализација на пречистителната станица во Враништа.

Проектите ги изработи шпанската консултантско проектантска фирма ИДОМ, а истите се финансирани од грант добиен од Министерството за економија и туризам на Шпанија.

„Овие проекти се комплетни проекти, изработени до тендерска постапка и за нив сите анализи и сите подготовки беа направени од страна на ИДОМ во изминатите 10 месеци , во соработка и со наши фирми коишто вршеа и геолошки истражувања, се вршеа и консултации со ИДОМ на сите претставници  на локално и централно ниво.“ – изјави Алексијоски.

Алексијоски се заблагодари на сите инволвирани во проектот, целиот тим од ЈП Колекторски систем, министерствата , локалните самоуправи и институции пришто потенцира дека сите надлежни биле во постојана комуникација и соработка со проектантската фирма низ целиот процес.

„Од самиот почеток кога беше избрана фирмата ИДОМ во соработка со Министерството за животна средина беше организирана Комисија која секој месец вршеше верификација на извештаите коишто беа изготвувани од ИДОМ . Во таа комисија учествуваа претставници од локалните самоуправи на Охрид,  Струга,  Дебрца, но и од Центарот за јавно здравје и НУ Хидробиолошки институт, односно сите институции коишто се грижат за квалитетот на водата на нашиот бисер Охридското езеро.“ – посочи директорот на ЈП Колекторски систем.

Со реализација на овие проекти ќе се промени целосната слика во поглед на квалитетот на водата во езерото, односно  се очекува големо подобрување, истакна Даниел Гонзалез од ИДОМ, раководител на проектот.

„Во моментов скоро целиот товар е врз станицата во Враништа. Сега ние предлагаме нов план. Пречистителна станица во Подмоље, при што се зема во предвид не само локалното население и од околината туку и  гостите од другите градови и туристите. Можам да кажам ако Враништа има капацитет за  45 000 луѓе тогаш Подмоље е проектирана за до 75 000 луѓе. И имаме помали станици  за Радожда со капацитет 2 000 луѓе и Љубаништа 5000 луѓе бидејќи анализите покажаа дека тоа е поисплатливо отколку да се пумпа водата до Враништа или до идната станица во Подмоље.„ – кажа раководитеотл на проектот, Гонзалез.

За реализација на сите проекти односно изградба на пречистителните станици треба да се обезбедат околу 28 милиони евра.

„Околу финансирањето на овие проекти , што беше и една од задачите на фирмата ИДОМ како проектантска фирма, во сите овие проекти се предвидени две можности. Проектите се изработени во целост до објавување  на тендерска постапка, но исто така ИДОМ имаа уште една задача , а тоа е да се направи финансиска анализа за секој еден проект посебно дали да бидат обезбедени средства од страна на државата преку европски фондови, буџетски средства или можност за јавно приватно партнерство.“ – кажа Алексијоски и додаде дека верува дека средствата ќе бидат обезбедени.

Решението за заштита на Охридското езеро од отпадните води се засебни пречистителни станици бидејќи географската конфигурација на теренот не дозволува изградба на комплетен колекторски цевковод од Св. Наум до Радожда. За пречистителна станица во Трпејца проект се изработува по нарачка на Општина Охрид , додека пак ЈП „Колекторски систем“ ќе изработи проектна документација за приклучување на секундарната канализација од село Елшани во постојниот колекторски систем.