Skip to main content

Вредна донација од амбасадата на Јапонија

ЈП „Нискоградба“ доби возило за брза санација на дефекти од јапонската амбасада

Јапонската амбасада во Македонија на Општина Охрид и го предаде комуналното возило за брза санација на дефектите на канализационата мрежа.
 |  Голабовски Крсте  | 
vozilo za sanacija defekti

Во вистински момент доаѓа донацијата на јапонската амбасада вредна повеќе од 60.000 евра, во вид на комунално возило за брза санација на дефектите на канализационата мрежа. Станува збор за затворање на грантот од Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност, шести успешен проект за Општина Охрид, истакна Амбасадорот на Кралството Јапонија во РСМ, Оцука Казуја.

„За овој проект особено горди сме што го обезбедуваме ова возило, кое придонесува за намалување на загадувањето на древното и убаво Охридско Езеро. Со навремена и ефикасна санација на канализацијата која ја обезбедува ова возило, загадувањето ќе биде намалено. И за ова кратко време на користење, возилото остварува значајно влијание.“ – изјави Казуја.

Возилото ќе го користи комуналното претпријатије „Нискоградба “, за брзи интервенции, посебно во стариот дел на градот и други реони од градот со специфична конфигурација на теренот,  каде е потребно компактно возило со маневарски способности, за време на летните гужви.

„Со новото комунално возило се врши брза и навремена санација на дефектите на канализационата мрежа, при што многу ефикасно започнавме да се справуваме со загадувањето. Имаме уште доста работа, но сум уверен дека претходните средби со делегацијата од Јапонија и поддршката од Јапонската амбасада и лично од амбасадорот која ја даваат на општина Охрид, ќе резултираат за скоро решавање на овој проблем. Уверен сум дека добрата меѓусебна соработка која ја негуваме ќе придонесе и во иднина да бидеме дел од вакви настани, кои по своето значење се повеќе од локални, бидејќи заштитата на животната средина е светска обврска, не само локална.– изјави Кирил Пецаков, Градоначалник Општина Охрид.

Ова возило веќе еден месец е во употреба и може со сигурност да се рече дека донацијата ја исполни својата цел, истакна в.д. директорот на ЈП „Нискоградба“, Александар Трпеноски.

„Статистиката за овој краток временски период покажа видливи резултати и уште еднаш ја оправда потребата за ваков тип на воизло, бидејќи за овој краток временски период, со помош на возилото, ЈП „Нискоградба“ успеа да санира приближно 200 дефекти, од кои голем дел се во стариот дел на градот, реон кој е специфичен терен за работа.“ – кажа Трпеноски.

Од Јапонската амбасада велат дека нивната земја е силно посветена да ја поддржи Македонија во економскиот и социјалниот развој, што е многу важно за нејзината интеграција во Европската Унија. Се надеваат дека и во иднина ќе може да го поддржат секторот за животна средина и неговите капацитети. Од 1996 година досега, Јапонија со средства во висина од  8,9 милиони евра има поддржано 177 проекти во државава, во областа на здравството, образованието и заштитата на животната средина.