ЈП Нискоградба се пресели во новите простории во поранешна касарна
Од денеска граѓаните за своите потреби и услугите од ЈП Нискоградба ќе може да се обратат во новите канцеларии на претпријатието во поранешна касарна.
„Новите работни простории на претпријатието, се опремени по најсовремени стандарди и значително ќе ги подобрат условите за работа на вработените и услугите кои ги испорачуваат кон граѓаните. Горд сум што како резултат на нашата голема посветеност и заеднички ангажман обезбедивме финансиска стабилност и подобри услови за работа на ЈП „Никоградба“. – вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кој денеска беше во посета на вработените во новите канцеларии.
Неодамна, градоначалникот објави дека ова јавно претпријатие е со одблокирана сметка и веќе нема застарени обврски, што значи дека ќе може да работи рентабилно и да реализира нови проекти.
„Покрај раздолжувањето од 10 милиони денари, во ова претпријатие во последниот период направени се инвестиции за набавка на нови комунални возила. Беше набавен трактор со цистерна за фекалии со носивост од 6000l, комбе Фургон со агрегат за чистење на канализација во товарен простор и нов багер – натоварувач.“ – вели градоначaлникот.
Во објектот и просторот на улицата „Железничка“ кои претходно ги користеше ЈП „Нискоградба“, покрај механизацијата на ова претпријатие ќе биде сместена и механизацијата на ЈП „Охридски Комуналец“ и ЈП „Водовод“.