ЈП Водовод со сите расположливи капацитети работи на санирање на дефектот на водоводната мрежа
Екипи на јавното претпријатие „Водовод“ продолжуваат со санирање на дефектот на водоводната мрежа кој се случи вчера на булеварот „Туристичка”, на кружниот тек во близина на СРЦ „Билјанини извори”, поради што без вода останаа грaѓаните на поголема територија на Охрид. Пукна цевка ф300мм којашто е крак на главниот доводен цевковод од кој се снабдува централното градско подрачје со што се наруши целиот водоснабдилен систем во градот, вели директорот на ЈП Водовод, Марјан Ристески. Екипите на ЈП Водовод излегоа веднаш на терен и работеа до доцните вечерни часови.
„Доцна вечерта се нормализира водоснабдувањето во градот пришто остана само еден крак, тоа е ул Партизанска и Кеј Македонија. Еве во текот на денешниот ден активностите продолжија. ЈП Водовод е на терен со целата механизација , целокупниот капацитет е на располагање и работиме на санирање на овој дефект.“ – вели Ристески
Ристески вели дека во овој момент не може со сигурност да се прецизира колку би траеле зафатите за отстранување на дефектот бидејќи станува збор за голем профил на цевка.
„ Се надеваме дека максимално брзо и ефикасно од наша страна ќе бидат завршени работите, меѓутоа се работи на нешто што е под земја , не знаеме на какви се проблеми понатаму може ќе наидеме , но ќе останеме цело време додека не се заврши комплетно санацијата.“ – потенцира директорот на ЈП Водовод.
А додека не се санира дефектот и оштетениот коловоз на сила ќе биде посебен режим во сообраќајот на булеварите „Туристичка” и „Асном”. Сообраќај нема да се одвива по булеварот „Туристичка” од крстосница со „Асном” до улицата „Јане Сандански” и крстосницата на булеварот „Туристичка” до улицата „Никола Карев”.
Од СВР Охрид апелираат до учесниците во сообраќајот, да бидат внимателни, да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација како и насоките на полициските службеници.