Во недела ќе бидат одбележани 100 години од осветувањето на храмот „Пресвета Богородица“ во Волино

Верниците и почитувачите на духовното и културното наследство се поканети да присуствуваат на свеченото одбележување на 100-годишнината од осветувањето на храмот „Пресвета Богородица“ во Волино, кое ќе се одржи на 26 јули (недела).
Јубилејот го организира храмот „Пресвета Богородица“ во Волино при Македонската православна црква – Охридска архиепископија, по повод еден век од осветувањето на црквата, изградена и осветена во 1926 година.
Свечената програма ќе започне во 9:00 часот со пречек на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј. Потоа ќе биде отслужена Света архиерејска божествена литургија, на која се очекува присуство на голем број верници.
По завршувањето на богослужбата ќе биде организирана заедничка трпеза и дружење за сите присутни, со што ќе биде заокружено одбележувањето на овој значаен јубилеј.
Од храмот „Пресвета Богородица“ во Волино упатуваат покана до сите верници и добронамерници да бидат дел од прославата и заеднички да одбележат еден век од осветувањето на храмот, кој претставува значаен духовен и културен симбол на селото и регионот.







