Skip to main content

Охрид ќе ги одбележи јубилеите посветени на Свети Климент Охридски и Охридската книжевна школа

Програмата започнува вечерва (5 август) во 20:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ со отворањето на Интернационалниот хорски фестивал „Свети Климент Охридски“.
 |  инфодеск  | 
Свети климент

Со низа духовни, културни и научни настани, Општина Охрид од 5 до 9 август ќе ги одбележи двата значајни јубилеи – 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1140 години од основањето на Охридската книжевна школа.

Програмата започнува вечерва (5 август) во 20:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ со отворањето на Интернационалниот хорски фестивал „Свети Климент Охридски“.

На 6 август, во 11:00 часот, ќе биде промовирана книгата „Охридска книжевна школа“ од проф. д-р Димитар Пандев, во издание на Општина Охрид. За делото ќе говорат проф. д-р Бобан Карапејовски и м-р Перчо Божиновски.

Во рамките на културно-уметничката програма истиот ден ќе биде изведен монологот „Деца сме на Климента“ од Владо Дојчиновски, како и концерт на Детскиот црковен хор „Плаошник“, под диригентство на м-р Даниела и Оливер Петковски. Настанот ќе се одржи во црквата „Света Софија“.

На 7 август, во предворјето на црквата „Пресвета Богородица – Перивлепта“, ќе се одржи свечена музичка вечер „Деца сме на Климента, на која ќе настапат Охридскиот женски квартет „Harmonix“, сопранистките Стефани Аудиќ и Биљана Бучаковска Трифуноска, флејтистката Кристина Лушкоска и пијанистот Дамјан Милески.

Програмата продолжува на 8 август со празнична вечерна богослужба во црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник по повод празникот на Свети Климент Охридски, Чудотворец и Свети Пантелејмон. Во вечерните часови ќе биде промовирана и книгата „Свети Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“ од проф. д-р Зоран Пејковски, по што ќе следува културно-уметничка програма со настап на Ѓоко Чеменкоски во Лапидариумот – Куќата на Робевци.

Централните чествувања ќе се одржат на 9 август. Во 8:45 часот, во црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, ќе се служи Света Божествена литургија по повод Свети Климент Охридски.

Во 12:00 часот, во Куќата на Уранија, ќе се одбележат 35 години од формирањето на Охридската академија на хуманизмот. Во рамките на свеченоста ќе биде доделена Светската награда за хуманизам, а најавени се обраќања на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, и претседателот на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш. Предвидено е и врачување на Светската награда за хуманизам на проф. д-р Кристоф Бенедиктер, како и Повелбата на хуманизмот на Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по повод 40 години од неговото замонашување.

Со оваа богата програма, Општина Охрид ќе им оддаде почит на ликот и делото на Свети Климент Охридски, основоположник на Охридската книжевна школа и еден од најзначајните просветители во словенската духовна и културна традиција.