Skip to main content

Утре ќе се одржи јубилејна 10. ИПА велосипедска тура Охрид–Струга–Радожда

ИПА Охрид упати јавен повик до своите членови, до велосипедските клубови од Македонија, како и до сите граѓани и рекреативци, да се приклучат на јубилејната тура и заеднички да испратат порака за потребата од развој на современа велосипедска мрежа во охридско-струшкиот регион.
 |  инфодеск  |  ,

Во организација на ИПА Регион Охрид, утре ќе се одржи јубилејната десетта по ред меѓународна ИПА велосипедска рекреативна тура „Охрид–Струга–Радожда“, која и годинава ќе ги обедини љубителите на велосипедизмот од земјава и странство.

Стартот на турата е закажан за 8 часот од Градското пристаниште во Охрид. Учесниците ќе се движат по охридскиот кеј и низ дел од градските улици, по што ќе продолжат по стариот пат кон Струга, покрај брегот на Охридското Езеро и низ живописните предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“, сè до туристичката населба Радожда.

Велосипедската тура се реализира во рамките на проектот „ИПА Вело викенд – На точак, Охрид и Струга да видам“, чија основна цел е промоција на идејата за велосипедско поврзување на Охрид и Струга, како и продолжување на велосипедската инфраструктура кон Радожда и Пештани.

Од ИПА Охрид потсетуваат дека уште од 2016 година активно се залагаат за изградба на современа, функционална и безбедна велосипедска патека која би ги поврзала двата крајезерски града. Според нив, ваквите иницијативи имаат големо значење за развојот на туризмот, велосипедизмот и одржливата мобилност во регионот.

„Преку оваа тура сакаме да ги промовираме Охрид, Струга и целиот крајезерски регион како атрактивни туристички и велосипедски дестинации. Воедно, упатуваме апел до надлежните институции конечно посериозно да пристапат кон реализација на проектите за велосипедско поврзување на Охрид со Струга, Радожда и Пештани“, велат од ИПА Охрид.

Организаторите нагласуваат дека велосипедистите во регионот сè уште се соочуваат со недоволна инфраструктура и небезбедни услови за движење, поради што сметаат дека изградбата на велосипедски патеки треба да биде еден од приоритетите на локалните власти.

М-р Стефан Димоски, претседател на Управниот одбор на ИПА Охрид, истакнува дека целта е да се создаде силна поддршка за изградба на безбедни велосипедски патеки и подобри услови за сите велосипедисти во регионот.

По тој повод, ИПА Охрид упати јавен повик до своите членови, до велосипедските клубови од Македонија, како и до сите граѓани и рекреативци, да се приклучат на јубилејната тура и заеднички да испратат порака за потребата од развој на современа велосипедска мрежа во охридско-струшкиот регион.

Настанот е дел од активностите со кои ИПА Охрид континуирано го промовира велосипедизмот како здрав начин на живот, туристичка атракција и одржливо средство за транспорт.