Skip to main content

Јубилејна изложба на академскиот сликар Славко Упевче „55 години ликовна хроника на Охрид“ 

Со јубилејна ретроспективна изложба „55 години ликовна хроника на Охрид“ општина Охрид по повод ослободувањето на градот му оддава признание на својот сограѓанин, еден од најзначајните претставници на македонското современо сликарство, академскиот сликар Славко Упевче. Со делата создадени од крајот на шеесетите години од минатиот век до денес, Славко Упевче е верен чувар на минатото на Охрид, кој се повеќе се менува.
 |  Маја Савиќ  | 

55 години активна работа на полето на уметноста, 55 години создавање хроника за Охрид, одбележува академскиот сликар Славко Упевче, еден од најзначајните претставници на македонското современо сликарство. Охриѓани во изложбениот салон на Центарот за култура синоќа, во рамки на свеченостите по повод ослободувањето на Охрид, имаа можност да погледнат избор од 30 слики од богатиот творечки опус на уметникот кој го чува Охрид од заборав. Од првата изложба во 1969 година во изминатите пет и пол децении Славко Упевче имал над 40тина самостојни изложби низ целиот свет, но сепак денес скромно но и со уметничка жед ќе каже дека се уште не ја насликал најубавата слика на градот.

„Охрид како преокупација е толку податен и толку инспиративен, секое годишно време има своја убавина , а со тек на годините како што старееме ги наоѓаме оние најубави моменти на градот, најубавите светла кои исклучиво можат да се доживеат во Охрид, затоа што тој е Лихнидос, град на светлината. Уметноста нема граници, секогаш се наоѓа нешто ново и велам дека наредната слика што ќе ја нацртам ќе биде поубава од предходните. “ – вели Упевче.

На неговите слики е претставена божествената убавина на Охридскиот регион, природата, културно историските споменици, пејсажите и визурите, чаршијата и уличките, кои како одминува времето се повеќе исчезнуваат. Уметникот со нота на резигнираност и тага заклучува дека градот се менува пред неговите очи и го губи својот идентитет. Неговите дела се носталгичен крик од и за минатото.

„Охрид се менува, Охрид не е она што го имавме ние во нашата младост. На местата каде што се , еве тука Куќата на Каваева и дуќаните сега се коцкарници и игри на среќа такашто ние живеевме во еден амбиент на дуќани кадешто имаше трговци, кадешто се продаваше текстил, сладолед , сега се продава бисер на кило, а знаеме дека во Охрид има само две фамилии кои верифицирано го произведуваат охридскиот бисер, тоа се Филеви и Талеви, а низ градот само бисери и само бутици. Порано беше порелаксирано да се слика и работи поради тоа што немаше ваква експанзија на нови градби. Ние го знаеме Бејбунар како место каде што имаше извори, сега Бејбинар е место кое може слободно да се нарече дека е Карпош 4 или 5. Св Наум беше место кое воодушевуваше со својата природност , само природа , само вода, вегетација меѓутоа експанзијата на профитабилиот туризам толку е голема што за жал Охрид ќе го изгуби оној идентитет што го имаше. “ – вели Упевче.

Поетот Славе Ѓорѓо Димоски, кој го следи творечкиот пат на уметникот скоро 30 години, ќе каже „Ние го имаме Славко Упевче, ние го имаме човекот што ја зачувал и што ја чува душата на овој древен град.„

„ Јас тие слики не ги гледам од стручен ликовен аспект туку од чисто поетски аспект. Тоа значи дека во тие слики може да се почувствува патината на стариот град кој веќе го нема , фасадите што веќе ги нема, крајезерските пејзажи кои повеќе ги нема така што Славко Упевче како охридски сликар е човек којшто остава едно сведоштво , еден документ за еден град којшто за жал исчезнува. – вели Ѓорѓо Димоски.

Затоа погледнете ја оваа ретро изложба на Славко Упевче за да си ја отворите душата, порачува поетот Димоски и додава „Видете ги неговите пастелни носталгични звуци и слушнете го денешниот бетонски реквием на Охрид. И на крај, за сликите не треба многу да се кажува бидејќи самите сѐ кажуваат, треба само да се почувствуваат.„