Утре започнува јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид

Со свечено отворање утревечер, на 3 јули, во Охрид започнува јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, најстарата меѓународна фолклорна манифестација на Балканот, која повеќе од шест децении ги обединува традицијата, културата и фолклорното наследство на народите.
Фестивалот, кој ќе се одржува од 3 до 6 јули 2026 година, е во организација на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, а се реализира под покровителство на Собранието на Република Македонија, со поддршка од Министерството за култура и туризам и пријателите на фестивалот.


Сите фестивалски вечери ќе се одржуваат во големата сала на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, со почеток во 20:30 часот.
Свеченото отворање на фестивалот, во петок, 3 јули, ќе започне со настапот „Билјана платно белеше“ во изведба на КУД „Ѓердан од бисери“ од Охрид, по што ќе следува целовечерен концерт на Националната установа Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, кој ќе ја отвори годинашната фестивалска програма.
Во следните три фестивалски вечери пред охридската публика ќе настапат фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија, Албанија, Бугарија и Хрватска.
Во сабота, 4 јули, ќе настапат Фолклорната група „Копачка“ од Драмче, ФС „Блажевски“ од Скопје, ФА „Деволи“ од Корча, Албанија и КУД „Отекс“ од Охрид.
Неделната програма, на 5 јули, е резервирана за КУД „Тиквеш“ од Кавадарци, КУД „Јане Сандански“ од Неготино, ФА „Копривлен“ од Хаџимидово, Бугарија и ФА „Филиграни“ од Охрид.
Фестивалот ќе биде затворен на 6 јули со настапите на КУД „Дримкол“ од Вевчани и Државниот ансамбл на Хрватска „ЛАДО“ од Загреб, еден од најреномираните професионални фолклорни ансамбли во Европа.
Со својата 65-годишна традиција, Балканскиот фестивал на народни песни и игри останува препознатлив културен бренд на Охрид и значајна сцена за промоција на автентичниот фолклор, народната музика, игра и културното наследство на балканските народи.







