Југоисточна Европа-неискористен земјоделски потенцијал
Според европските синдикати од областа на агробизнисот, во борбата да се задоволат светските потреби за храна, ова е потенцијал кој мора да се искористи.
Потенцијалот на земјодеството во југоисточна Европа сеуште неискористен, сметаат европските синдикати од областа на агробизнисот. Според генералниот секретар на европските синдикати од агробизнисот, Харолд Виденхофер, земјоделските производи доживуваат вистинска потрошувачка експлозија во моментот, и токму поради тоа, смета дека Брисел и Европа мора да размислуваат во насока на помагање на регионот на југоисточна Европа познат по квалитетните и еколошки земјоделски производи, бидејќи во моментот тоа не се прави во доволна мера.
„Ако ги земеме предвид глобалните прашања и дискусии кои сега се водат во Европа, а тие се однесуваат на предизвиците кои постојат денес во светот, односно прашањето како да се прехрани се поголемиот број на население кој постои во светот, тогаш можеме да кажеме дека главната агенда во Европа е сега токму ова прашање. Европа се повеќе си поставува прашање како да изнајде нови земјоделски површини кои ќе бидат обработливи и кои ќе го прехрана населението, вакви прашања се повеќе си поставува Кина, арапските земји, и други земји. Затоа Европа не смее да дозволи да не го искористи овој потенцијал, земјоделскиот потенцијал кој постои во југоисточна Европа.“-рече генералниот секретар на европските синдикати од агробизнисот, Харолд Виденхофер.
И претседателот на македонскиот синдикат за земјоделие, Живко Даневски, согласен дека нашиот регион мора да игра значајна улога во иднината на европското земјоделие.
„Од аспект на синдикалното гледање, политичкиот систем, развојот на односите, човечките ресурси, политиките на нашите влади за иднината на овој регион во секторот земјоделие. Затоа и имаме силна подршка од колегите од Брисел, од нашата организација ЕФАТ каде припаѓаат сите членки од југоисточна Европа, и очекуваме вкупните политики кај социјалниот дијалог на ниво на Европа и овој регион да има активна улога и во политиките на европско ниво и во нашите политики на ниво на нашите земји.“-вели претседателот на македонскиот земјоделски синдикат, Живко Даневски.
Во глобалниот недостиг на храна, пак се поставува прашањето на каков начин Европа ќе го решава овој проблем, односно дали недостигот ќе се решава со производство на генетски модофицирани земјоделски производи и дополнително каква би била улогата на малите земјоделски производители како Република Македонија во справувањето со овој проблем.
„Ова прашање треба пред се да им се постави на потрошувачите. Ако ова прашање, дали треба да се создаваат генетски модифицирани организми или производи, или не, во Европа ако им го поставите, тие ќе речат дека не сакаат такви производи, тие сакаат регионални производи и еколошки производи. Затоа сметам дека и во овој регион треба да се произведуваат еколошки производи и тие да бидат одржливи и самоодржливи.“-изјави Виденхофер.
Виденхофер потенцираше дека дури и доколку Македонија добие членство во Унијата, политиката на ЕУ ќе оди во насока на максимално зачувување на ваквите регионални земјоделски производи, бидејќи и барањата на потрошувачите се токму такви. Инаку денес синдикатите од областа на земјоделието од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Словенија имаа работна средба на која дискутираа токму околу иднината на земјоделството во регионот на југоисточна Европа и особено нивниот удел во рамките на европското земјоделство.
{loadposition content9}