ЈЗУ Здравствен дом Охрид обезбедува подобри услови за пациентите, започна санација на Маларична
ЈЗУ Здравствен дом Охрид посветено работи на подобрување на условите за пациентите и подигнување на нивото на здравствената заштита. Денеска започнаа зафати за санација на објектот Маларична.
„Со цел да се овозможат подостоинствени услови за пациентите и вработенитеЈЗУ Здравствен дом Охрид започна со реализација на договор за јавна набавка со кој ќе се извршат поправки, замена на дограма, партерно уредување, поправки на фасада, поставување на настрешници и останати работи поврзани со интервенции на објектот Маларична, информира за ТВМ директорката на Здравствен дом, Ајсел Зејноска.
Инвестицијата чини 3.469.844 денари и истите се обезбедени од сопствени средства на ЈЗУ Здравствен дом Охрид.
Исто така, во тек е и санација на објектот амбуланта „Белчишта“ за што од сопствени средства Здравствен дом издвои 7.665.280 денари.
Изминатиов период значително се унапредени и условите во просториите во Службата за вакцинации. Се обнови и лабараториската опрема и се обезбеди медицинска апаратура со што е проширен делокругот анализи што сега се вршат во здравствената установа.
ЈЗУ Здравствен дом го обнови и возниот парк на Итната медицинска помош со набавка на две амбулантни возила, исто така од сопствени средства, за поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите.