Skip to main content

ЈЗУ Здравствен дом Охрид со активности по повод Европската недела на имунизација

Министерството за здравство со национална кампања под мотото Заштитуваме генерации ја подигнува свесноста на населението за потребата и придобивките од редовно вакцинирање во рамките на Европската недела на имунизација. Во кампањата активно е вклучен Здравствен дом Охрид со промотивни активности и теренска вакцинација.
 |  инфодеск  | 

Денеска на градскиот плоштад во Охрид медицински тим од Здравствен дом делеше промотивен материјал на граѓаните за значењето на имунизацијата како најзначаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија. Активноста е во рамки на Европската недела на имунизација, што секоја година традиционално се одбележува од 24ти до 30ти април. Оваа година мотото на кампањата е „Заштитуваме генерации“.

„Целта на кампањата е да се подигне свеста кај родителите и да се постигне една здравствена култура општо кај популацијата. Активности во рамки на кампањата беа преземени во тек на изминатава недела со посета на основни училишта, со теренска вакцинација, посета во домови во Охрид и околните населени места. “ – изјави д-р Александар Волкановски.

Теренската вакцинација наречена „Спринт за имунизација“, во рамки на која тим на доктори и медицински сестри посетуваа семејства е со цел заштита на децата и да му се обезбеди на секое дете, кое испуштило некоја предвидена вакцинација лесен пристап до истата. Д-р Волкановски порачува родителите да го следат календарот за редовна вакцинација на своите деца .

„Апелирам до родителите информациите за имунизација и било каква друга здравствена информација да ги побараат од соодветни стручни лица, доктори. Да не се информираат од социјални медиуми и непроверени извори. „ – порача д-р Волкановски.

На територијата која ја покрива Здравствен Дом Охрид за скоро сите вакцини опфатот е над 90 отсто. Кампањата по повод Европската недела на имунизација ја спроведува Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, Светска здравствена организација и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), поддржани од УСАИД и Европската унија.