Каде на дополнителна-во редовна или приватна школа?
Дали во недостиг на време или поради голема желба за успех на своите деца, се повеќе родители покрај редовното училишно образование, своите деца ги запишуваат и во приватни школи.
Неизмерна е желбата на родителите да ги видат своите деца како успеваат во животот. Таа желба никогаш не губи на интензитет но со текот на времето добива разни форми на манифестација. Веќе неколку години, во земјава како тренд се јавува запишувањето на децата во приватни школи за дополнителни часови по јазици, математика, или некој друг предмет. Бројни се школите кои им стојат на располагање, но и причините поради кои родителите се одлучуваат на овој чекор.
„Со текот на времето сите тие причини се искристализираа во едноставни причини, а ние од туторски образовен центар поминавме во предавачки образовен центар. Паралелно со процесите што се одвиваат и во формалното образование ние се јавивме како појава која го надополнува моментот на попладневното учење на учениците. Значи ние воопшто не се мешаме во формалното образование во Република Македонија туку во делот на немањето на време како што рековте на родителите да седнат од една страна, а од друга страна од немањето на соодветно знаење или компатибилно знаење. Бидејќи по некоја логика родителите треба да знаат биологија, хемија, математика.“-вели професор Ангел Јанев од образовниот центар ПИ-СИ.
Проф. Ангел Јанев од образовниот центар ПИ-СИ, смета дека приватните школи се во подобра позиција во однос на редовните од аспект на бирањето на образовниот кадар, за кој вели дека во приватните школи е поадекватно селектиран. Но што се случува со формалното образование кое за разлика од приватните часови не бара дополнителни финансиски трошоци. Според последните измени во Законот за основно образование, сите основни училишта се обврзани да обезбедуваат дополнителна и додатна настава за своите ученици. Оваа бесплатна можност се чини не е толку прифатена од родителите.
„Постои една стереотипија кај родителите и кај учениците дека тоа е настава само за слаби ученици и дека не е пожелно подобрите ученици да бидат видени на дополнителна настава што не е во ред, затоа што, апсолутно ние сме подготвени и можеме да им пружиме на родителите односно учениците исти такви услуги какви што ги добиваат во приватните училишта. Но тоа е слободен избор на родителите.“-рече директорката на ЦОУ „Свети Климент Охридски“, Славица Илиќ.
Директорката на основното училиште „Свети Климент Охридски“, Славица Илиќ остро реагираше и на шпекулациите дека голем дел од училиштата и наставниот кадар одбиваат да ги одржуваат тие часови. „Имам повратни информации од моите колеги од другите училишта дека исто така редовно се организира дополнителна и додатна настава.“-вели таа.
Инаку додатната и дополнителната настава во основните училишта се одвива според однапред подготвена програма која училиштата треба да ја изготват до 1ви Септември. Потоа треба да се направи план за додатна и дополнителна настава кој мора да бидат прегледан од Државниот просветен инспекторат. Па дали ќе одлучите своите деца да ги пуштите на додатни часови во редовните училишта или ќе ги запишете во приватни, тоа оставаме на вас. Сепак, како што вели директорката Илиќ: „За добар развој на едно дете, не е потребно да има само знаење по предметите туку и да има и слободно време и други активности.“
{loadposition content9}