Каде е градежниот инспекторат?
Иако сме на средина од сезоната Охрид е едно големо градилиште. Не се почитува забраната за градење која беше донесена уште пред десеттина години во која стои дека се забрануваат секакви градежни активности за време на сезона. Од Локалната тврдат дека инспекторите биле на терен.
Во Охрид интензивно се гради сред сезона. Иако уште пред десеттина години се донесе забрана за извршување градежни работи за време на летните месеци, тоа не ги попречува инвеститорите да градат. Побаравме одговор од Локалната самоуправа дали градежниот инспекторат е запознаен со ваквата состојба низ градов, дали инспекторите се излезени на терен и што е превземено. Од таму го добивме следниот одговор:
Од општинскиот инспекторат е направен увид на две локации каде се одвиваат градежни работи, при што е укажано на почитување на одлуката на Советот на Општина Охрид од март 2007 година. Доколку не престанат со активностите, нашите инспектори ќе преземат соодветни законски мерки.
Се поставува прашањето кога инспекторите ќе направат увид и на останатите локации каде се гради бидејќи буквално градот е претворен во градилиште, па се гради на секој ќош, и во центарот на Охрид, но и на крајбрежјето како што е населбата Лагадин. Градежни зафати има на објекти, се прават реконструкции на улици, тротоари и на мостот кај каналот.
По се изгледа се заборави на Одлуката на Совет за забрана за градежни активности во централното градско подрачје и крај езерските населби. Советниците на град Охрид неа ја донесоа во 2006 година. Со неа се регулирани градежните зафати во перидот од 1 јули до 31 август додека трае летната сезона да не се гради во прилог на туристите кои одлучиле летниот одмор да го поминат во Охрид. Но, одлуката на Советот да не се гради во централното градско подрачје не се применува веќе подого време иако таа повлекува кривична одговорност ако не се применува, укажуваат правниците кои ги контактиравме.
ТВМ контактираше и дел од советниците на заминување од последниот состав дали расправале за укинување на одлуката за забрана на градежните активности. Кажаа дека за неа не станало збор на ниту една седница во изминативе 4 години.