Каде за Нова година?
Охрид полека се подготвува за дочекот на најлудата ноќ.
Се ситнат деновите до најлудата ноќ во годината. Новата година која некогаш сите со нетрпение ја очекуваа, сега некако губи на интензитет и жар кај граѓаните. Сепак сите ја прославуваат на овој или оној начин. Излеговме помеѓу охриѓани да запрашаме каде тие ќе ја поминат најлудата ноќ? Дали тоа ќе биде некој хотел, ресторан, кафе бар или нешто друго?
„Дома, нема пари, скапо е прескапо. Се нема, толку е!“
„Дома. Со мали деца сме.“
„Скопје, некаде, Штип, лево-десно, Парк.“
„Никаде…“-рекоа дел од нив.
Хотелиерите пак интензивно се подготвуваат и за Дочекот, и за празничниот период кој што следи. Најголемиот број од хотелите кои ги контактиравме засега пополниле околу седумдесетина проценти од своите капацитети. Гостите кои резервирале дводневни и тридневни аранжмани, по навика, воглавно доаѓаат од соседството.
„Оваа година ќе доминираат повторно странските гости, од Бугарија, Полска, традиционалните гости од Србија и нормално нашите домашни гости се тука по традиција веќе присутни, додека онаа вечер, највеселата, дочекот на Новата година, 2013 во хотел Силекс се организира навистина спектакуларна прослава, она што значи анимација во однос на музичкиот дел бидејќи токму музиката и забавата си го чини своето.“-вели Тоше Чочороски, менаџер на хотелот Силекс.
Ако можете да си дозволите прослава во хотел, тогаш ќе треба да си одвоите од 1500 па до 1800 денари за дочекот на Новата година. Ќе има музика за сечиј вкус, а ќе доминираат охридските пејачи и бендови. Дводневните и тридневните аранжмани пак се движат од стотина до 150 евра.
Оние пак кои повеќе би сакале да посетат некој од многуте кафе-барови низ градов, ќе поминат малку поефтино, поради благиот пад на цените за дочекот на Новата година. Од 600 до 1000 денари ќе ве чини посетата на некој од кафе-баровите, најчесто со неколку пијалоци, мезе, а со музика ќе ве забавуваат претежно DJ-и. Доколку пак сакате да заштедите, ќе има забава и на градскиот плоштад. Таму ќе ве забавуваат охридски бендови и солисти. Ако пак сето ова не ви се допаѓа, тогаш и домашна прослава е добра опција. Најпосле, важно е со кого, а не каде ќе ја поминете најлудата ноќ.
{loadposition content9}