Skip to main content

Кадри Селман со своите креации 20 години го разубавува Охрид и ги воодушевува охриѓани и туристите

Уникатните креации на охриѓанецот Кадри Селман ги воодушевуваат охриѓани и туристите кои уживаат во прошетки низ градското зеленило на плоштадот и долж кејот. Фигурите од украсни грмушки направени од вештите раце на Селман се овековечени на многу фотографии како спомен од нашиот туристички бисер. Кадри 20 години секојдневно се грижи за украсното јавно зеленило додавајќи свој печат и приказна во секое парковско катче. И покрај тоа што во март годинава се пензионира, Селман и понатаму го разубавува градот.
 |  Маја Савиќ  | 

Нема охриѓанец, ниту турист кој не ги забележал украсните грмушки во парковите обликувани од вештите раце на Кадри Селман. Овој скромен и трудољубив човек ги разубавува зеленете површини низ Охрид додавајќи уметничка нота на природната убавина. Тој ги скротува грмушките и дрвцата и ги претвора во лебеди, делфини, балерини, геометриски и други форми. Потоа вегетацијата повторно ќе се разластари и ќе ја освои неговата креација, а тој ќе направи нова форма и се така едно 20 години.

Желбата за облагородување на зелените простори во градов кај него се јавила уште во детството, а можноста да обликува украсни грмушки ја добил како вработен во ЈП Охридски Комуналец, кога раководителите го препознале неговиот талент и бил префрлен во работната единица Паркови и зеленило.

„Како мал многу шетав низ градот, низ центарот, како дете и ги гледав старите, сега покојни мајстори кои косеа и украсуваа, имаше големи грмушки во тоа време кои се садеа , јас гледав како ги шишаат и оттогаш ми се јави мерак, имав 7-8 години. Јас добив некоја идеа моја, бидејќи уште како мал на училиште многу добро цртав и тоа ми остана , еве со ножици да направам нешто добро за градот и да ги украсам овие грмушки, нормално со екипата , со раководителите, ова што е садено за овие 23-24 години го разубавив јас , и не очекуваа дека ќе биде така дотерано, сечено, кроено.– вели Селман.

Започнал самоиницијативно, дури сам си го купил и првиот алат, специјални ножици за кроење и шишање на неговите живи уметнички дела. Со своите интервенции во просторот, во секое катче во парковите низ градот Селман созде приказна која мами воодушевувачки погледи и која е составен дел од безброј фотографии на граѓаните и гостите.

„Овие садници пораснаа со мене. Ми дојде желба, им реков на колегите да ме остават ако треба и алат ќе си купам сам , само сакам нешто да средам и така почнав полека со криење и кога гледаа граѓаниве една форма тука, друга потака, дека се разубави градот , почнаа пофалби , се појавуваа на фејсбук слики и така настана приказната и ми се јави уште поголемо задоволство кога и раководителите видоа дека има нешто нешто во мене. – кажува Селман.

Изработил повеќе од 200 фигури на различни локации низ градот. Тој е самоук, а инспирацијата ја црпи од интернет гледајќи уредени паркови од светските метрополи. Една фигура за да добие конечен лик понекогаш му се потребни месеци работа. Понекогаш неговите скулптури се жртви на несовесни луѓе, па треба да ги поправа. Најголемо задоволство му е реакцијата од минувачите додека работи.

„ Кога почнав во Паркови и зеленило, инспирација барав на youtobe и на телевизија , гледав паркови во Англија, Франција, Холандија, Германија, барав некои форми и тие ми влегоа во главата. Еднаш ќе ги загледав и после според садницата правев форма, само ме учеа шефовите да не навлегвам многу во садницата , да не ја оголам затоа што после се суши. И така настанаа овие грмушки убавина на градот. Почнав со лебеди на плоштад и ми ги газеа туристиве , фрлаа разни предмети , шишиња, пченки јадеа и ги фрлаа и ми ги оштетуваа. Пак ги правев наново, од лебед ќе направев нешто друго, некое друго животно. Децата што шетаат со мајките ги гледаат и се смеат и мене ми е добро тоа. Странските туристи кога ме гледаат кога работам на формите, ме поздравуваат.– вели Селман.

Селман годинава се пензионира после 38 годишен работен стаж во ЈП „Охридски Комуналец“ од кои скоро половината ги помина во РЕ „Паркови и зеленило“. Но, нема кој да го замени и да продолжи да ги одржува неговите креации. Тој, и пензионерските денови ги минува во парковите, со ножиците во рака, наведнат над своите зелени скулптури, ги обликува и дотерува. За цел мој работен век немав ниту еден ден неоправдано отсуство од работа , ниту ден боледување и ќе продолжам да работам и да се трудам додека ме држат нозете, вели Кадри Селман.

„ Јас не знам како постигнувам. Туристичка од Билјанини извори до Петљана тие само да ги кројам, а камо секој трет-четврт ден треба да поминам да ги шишам да не порастат високи па после ќе се мачам, тие бие на времето по 2-3 метри. Ги Спуштив пониско. Јас се чудам како постигнувам еве желбата и Господ ме чува , и тоа што имам мерак за оваа работа и ми дава кувет, снага за овие работи што сум ги направил за овие 22 години во Паркови и зеленило „ – вели Селман.

Во 2020 година, по повод Денот на ослободувањето на Охрид, 7-ми ноември, а на предлог на група граѓани, тој доби и посебна награда за убавината која ја создава во Охрид. Наградата му се се додели за долгогодишно посветено и професионално работење во одржувањето и уредувањето на градските паркови и зеленило.

foto: ТВМ ; facebook Kadri Selman