Како дезинформациите влијаат врз туризмот, тема на Прашалник
Како дезинформациите влијаат врз туризмот беше тема на дебатната емисија Прашалник. Гостите од туристичката фела, кои беа дел од дебатата се сложуваат дека секоја година пред стартот на туристичката сезона, се објавуваат и споделуваат бројни дезинформации кои го уриваат угледот на градот Охрид. Најчесто дезинформациите се поврзани со загадување на водата во Охридското езеро, правење манипулативни споредби на фискални сметки од угостителски објекти од Охрид и други градови со цел да се добие впечаток дека Охрид е најскап град во регионот, но и други лаги и манипулации кои влијаат врз туризмот.
„Постои наплив на дезинформации, но најважно е како ние се соочуваме со тие дезинформации , како ние ги перцепираме и како ние се бориме да ги истакниме фактите и аргументи контра лагите. Постојат дезинформации кои ја извртуваат вистината за да створат слика дека одредена дестинација е проблематична. Најголем проблем се дизнформациите кои имаат цел да се оштети одредена дестинација”, вели Филип Мишески хотелиер од Охрид.
Примајќи ги дезинформациите од медиумите или од социјалните мрежи честопати гостите се збунети, па ги прашуваат туристичките водичи дали водата во Охридското езеро е безбедна за капење, дали вистина цените во угостителските објекти се прескапи и слични прашања, кои најчесто доаѓаат од домашните гости.
„Се случуваат и такви прашања, меѓутоа самата вода, самото езеро , провидноста на водата, чистотата без разлика каква била информацијата едноставно ги привлекува. Најчесто прашуваат дали водата е безбедна за пиење и нормално дека е безбедна за пиење. 2724 Најчесто тие ни се од домашните јас мислам дека едноставно сакаат домашните туристи сакаат да ја обезвреднат вредноста која што ја имаме. Мислам дека сакаат нив да им биде поевтино односно да им биде евтино како што им е во местото на живеење”, вели Даниела Сахова туристички водич.
Туристичките работници сметаат дека треба одговорност за медиумите кои пласираат лаги, манипулации и клик бејт наслови.
„Дезинформациите може само да ни донесат штета,а никако не носат полза. Јас би сакал да потенцирам дека треба да има некои контроли и некои филтри за овие дезинформации, односно тој што ги пласира да треба потоа да одговара за тоа. Па да се запрашаат сите медиуми. На пример пишуваше вест Водата во Охридското Езеро загадена, влегуваш во текстот пишува нешто сосема друго”, вели Челик Асим туристички работник и угостител.
Сите се сложни дека штетите од дезинформациите на полето на туризмот се големи. Покрај уривање на угледот на градот, придонесуваат и за финансиски штети во локалното стопанство, односно намалување на бројот на домашните труисти.
Новинар Соња Рилковска